„Стоп за Усје“ денеска на протест: Цементарницата бара продолжување на А-интегрираната дозвола по застарените стандарди

0
8

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ попладнево организира протестен марш во Скопје поради, како што велат, барањето на цементарницата „Титан Усје“ за продолжување на А-интегрираната дозвола по застарените стандарди.

Протестот ќе се одржи под слоганот „Не за нова дозвола за Усје по стари правила“. Почетокот е закажан во 18 часот пред зградата на Собранието до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од иницијативата велат дека наместо усогласување со европските стандарди и најдобрите достапни техники, цементарницата „Усје“ бара да продолжи да работи со истите гранични вредности за загадување од 2007 година, а во барањето за продолжување на А-интегрираната дозвола нема конкретни мерки за намалување на емисиите.

„Со вакво барање, ‘Усје’ практично бара да продолжи да ги труе скопјани со застарени стандарди кои не одговараат на европските норми. МЖСПП не смее да усвои неусогласена и незаконска дозвола. Наместо тоа, мора да ги вгради предлозите на граѓанското општество и да обезбеди усогласување со најдобрите достапни техники, за да се заштити здравјето на граѓаните и квалитетот на воздухот во Скопје“,

велат од „Стоп за Усје“.

Министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа во телевизиско интервју во петокот рече дека дозволата за цементарницата „Усје“ ќе биде обновена според новиот закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи во сила во септември следната година, и кој предвидува построги еколошки стандарди кои ќе важат за сите опаратори со А-интегрирани дозволи.