49-годишна жена со потекло од Македонија e пронајдена мртва во нејзиниот дом во италијанската покраина Анкона.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, Саџиде Муслија долго време трпела семејно насилство од нејзиниот сопруг, 50-годишниот Назиф Муслија, кој е главен осомничен и по кого се трага.
Полицијата започнала истрага откако нејзиниот работодавач алармирал дека жената не се појавила на работа.
Иако двојката била во постапка за развод, медиумите наведуваат дека мажот повторно се вселил кај неа. Тој веќе имал евиденција за семејно насилство, а жената поднесувала повеќе пријави против него. Во април оваа година бил уапсен поради физички напад врз сопругата.
Еден од документите за насилство се однесува на инцидент кога напаѓачот со секира, насилно ја скршил вратата од спалната соба, откако жената се засолнила кај сосед поради сомневање дека ја следи и ја обвинува за неверство. Таа изјавила дека во последните две години постојано била изложена на психичко и физичко малтретирање. Тие имаат син, 30-годишен маж кој живее во Швајцарија.
Иако против него била поведена постапка, во јули минатата година тој постигнал спогодба со признавање вина, по што двојката накратко се обидела да се помири.
Трагедијата што сега се истражува го отвора прашањето за пропустите во заштитата на жртвите на семејно насилство, додека италијанската полиција интензивно трага по осомничениот сопруг.









