Уставен суд ќе го оценува зголемувањето на пензиите за 1.000 денари, а не претходното за 5.000

0
199

Линеарното зголемување на пензиите за 5.000 денари, што го добија пензионерите во септември лани (2.500 денари) и во март годинава (уште 2.500 денари) нема да оди на проверка од страна на Уставниот суд, туку уставноста ќе се оценува само на најновото зголемување за 1.000 денари во септември годинава и најавеното за исто толку во март идната година.

Ова произлегува од денешното соопштение на Уставен суд во кое се вели дека е поведена постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалиското осигурување, објавен на 29.07.2025 година во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/25, додека е отфрлена иницијативата поднесена од страна на Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска со образложение дека оспорените одредби (член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен на 18 септември 2024 година) „се од темпорален карактер и повеќе не се дел од правниот промет“.

Во член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавен на 29.07.2025 година во „Службен весник“ бр.154/25 се вели дека одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (што се однесуваат на процентуалното усогласување на пензиите врз основа на порастот на просечната плата и трошоците за живот) „не се применуваат во периодот од 1 септември 2025 година до 31 март 2026 година“.