Уставните измени да се усвојат до 10 февруари 2026 година, без прифаќање нови барања – предлага СДСМ во резолуцијата за црвените линии

0
308

Најголемата опозициска партија СДСМ денеска претстави Предлог-резолуција за утврдување на заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на зачленувањето на земјава во Европската Унија. Лидерот на партијата, Венко Филипче, на прес-конференција денеска рече дека решенијата се предлагаат имајќи ги во предвид старешките национални и државни интереси и огромниот процент на поддршка за пристапувањето кон ЕУ.

Според Филипче, најважните делови од Предлог-резолуцијата, или, како што рече „црвените линии“, преку кои никој не треба да поминува се барањето за доследно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ. Во документот се инсистира македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без додавки или фусноти. Исто така се предвидува дека земјата е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка, вклучувајќи ги и уставните измени, со јасна определба дека тоа е последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер, а сите прашања со Бугарија да се решаваат во билатерални средби без поставување нови блокади.

Филипче рече дека очекува сите политички субјекти да го разгледаат предлог документот да дадат конструктивни предлози за заеднички да се донесе и да не се злоупотреби во кампањата за локалните избори.

Во првиот дел од резолуцијата се содржани претходни декларации и резолуции усвоени во Собранието со консензус, а документот предвидува Владата и Собранието целосно да се посветат на спроведувањето на реформската агенда, сите државни институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, а во текот на преговорите и по приемот во ЕУ, Владата да не прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка.

Документот предвидува и временска рамка за реализирање на активностите според која Владата треба да ги разгледа поднесените амандмани за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот и да се изјасни дали останува на истиот текст од 15 ноември до 25 ноември 2025 година, а доколку се предлага нов текст на амандманите, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година. Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година, а финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година. Истиот ден на финалното гласање Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска за одблокирање на преговарачкиот процес и да ја повика Европската комисија, да организира Меѓувладина конференција помеѓу државите членки на ЕУ и Северна Македонија не подоцна од 15 февруари 2026 година.