Уште една жртва на скопските улици: Пешак смртно прегазен во сообраќајка

0
256

Вчера вечерта се случи уште една тешка сообраќајна трагедија што ја потресе Македонија. Пешак на возраст од околу 60 години го загуби животот откако беше прегазен во скопската населба Волково.

Според првичните информации, несреќата се случила во вечерните часови, а здобиените повреди биле фатални. Пешакот починал на самото место, додека полициски екипи веднаш излегоа на терен и започнаа увид за утврдување на околностите под кои дошло до несреќата.

Засега нема официјални детали за тоа како точно се случил инцидентот, ниту дали возачот е лишен од слобода. Повеќе информации се очекуваат во текот на денот, по официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи.

Трагедијата се случува во период кога сообраќајната безбедност повторно е во фокусот на јавноста. Од февруари се очекува официјалниот старт на проектот „Безбеден град“, кој моментално е во тест-фаза и има за цел преку автоматско санкционирање да го намали бројот на сообраќајни несреќи, особено оние предизвикани од непочитување на сообраќајните правила и пребрзо возење.