Заменик-претседателот и претседател на Собранието на Алијансата за Албанците (АА), Арбен Фетаи, преку објава на социјалните мрежи го откри она што тој го нарекува план на Арбен Таравари за саботажа на коалицијата ВЛЕН и на реформската влада, како и заднината на неговата соработка со ДУИ.
Според Фетаи, барањето за одделни листи за општински советници и за независни анкети за градоначалници било само изговор за напуштање на ВЛЕН и за влез во политички договори со ДУИ во рамки на локалните избори.
„Нè излажаа: се разделуваме од ВЛЕН затоа што сакаме одделни листи за советници и анкети за градоначалници. Потоа го открија договорот: ДУИ ‘му дава’ на едното крило Липково, Сарај, Теарце, Гостивар, Врапчиште и Струга; на другото крило, Арачиново и Студеничани – како да се општините бонбони што Алиу ги дели со слободна рака“, пишува Фетаи во јавната објава.
Тој понатаму го предизвика Арбен Таравари и групата што се отцепи од АА да ги објават договорите со ДУИ.
„Ајде, мажи, извадете ги сега тие одделни листи и независните анкети за прифатливите кандидати за Алиу. Објавете ги тие 8 кандидатури подарени од Дедо Мразот од Зајаз“, завршува Фетаи.
Во меѓувреме, Координативниот совет на АА, предводен од Фетаи, одржува интензивни средби со партиските структури во секоја општинска организација на АА, мобилизирајќи се за продолжување на патот во рамки на коалицијата ВЛЕН и за зајакнување на позицијата во реформската влада.









