Филипче: Нема заткулисни договори, граѓаните да гласаат по сопствено убедување

0
129

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес конференција, пред почетокот на изборниот молк, ги повика членовите и симпатизерите на партијата, но и сите граѓани да дадат поддршка на нивните кандидати, а во општините каде што опозициската партија нема свои кандидати во вториот круг, да гласаат по сопствено убедување за кандидат кој е поблизок до социјалдемократските вредности, како и за кандидат кој откако ќе победи нема да ги затвори вратите за граѓаните.

Филипче рече дека очекува опозициското расположение да расте и да се засили, а поддршката за власта да опаѓа откако на локалните избори загубија 140.000 гласови, во споредба со претходните.

Лидерот на СДСМ ги отфрли можностите за меѓупартиски, заткулисни договори пред вториот круг на локалните избори, во кои ќе се гласа за градоначалници на 32 општини и Градот Скопје.

„Очекувам гласачите да излезат масовно и да гласаат за нашите кандидати, бидејќи гласањето е најсилен протест за она што се случува во државата. Барам максимална поддршка за кандидатите на СДСМ во вториот круг од локалните избори бидекќи тоа се луѓе кои нема да работат за партијата или за поединци, туку за граѓаните“, рече Филипче.

Тој соопшти дека СДСМ не дава поддршка ниту на една партија во трката за грдоначалник на Скопје, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, ниту пак во Карпош. Филипче рече дека е свесен за реакциите во јавноста кои ги предизвика фотографијата на кандидатката Маја Мојсова, која не влезе во вториот круг, со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, која ја припиша на политичкото неискуство на Мојсова.