Филипче: Само СДСМ може да се спротивстави на хаосот што го прави ВМРО-ДПМНЕ

0
222

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, заедно со кандидатката за градоначалник на општина Карпош, Маја Мојсова Мијовска се сретнаа со граѓаните на оваа општина на кои им порачаа дека СДСМ е силата што може да ја исправи државата која повторно е ставена под закана од режим, од сиромаштија и од институционално уништување.

„Брутална партизација, брутално задолжување на земјата од сомнителни извори во огромни суми како никогаш досега, злоупотреба и политички реваншизам. Нема никаква грижа за граѓаните – грижа има само за себе, за партијата и за една мала група луѓе. Во такво сценарио единствен кој може да се спротивстави е СДСМ,“ рече Венко Филипче на маалската средба во општина Карпош.

Тој истакна дека борбата за подобра иднина мора да започне „од секоја една уличка, од секое маало, преку населба и општина, па сè до големите градови“ и дека тоа треба да биде вовед во голема победа за да се спаси државата. Филипче посочи дека граѓаните очекуваат чесност и одговорност, а токму тоа е понудата на СДСМ.

„Не е лесно – и ние не ветуваме лесно. Ветуваме тешка борба, но искрена и чесна. Ние сме тие кои треба да ја спасат државата од политичка катастрофа. Само со единство и обединети сили можеме да победиме,“ додаде Филипче.