Пожарот кај Шибеник и натаму е активен, но запрено е неговото напредување во подрачјето на Билица кое беше најзагрозено и ситуацијата е многу подобра од ноќеска, рече рано утрово жупанискиот командант на противпожарната единица Дамир Дукиќ.
Во пожарот кој изби вчера повредени се четворица од ангажираните 230 пожарникари. За гаснењето се ангажирани и два канадери.
„Запрено е напредувањето на пределот Билица. Сега работиме на краците од пожарот кои одат кон населбата Дубрава и Јураси и во тој дел, но во овој момент ништо не е толку загрозено – ниту еден станбен објект“, рече Дукиќ.
„Ситуацијата е многу подобра од синоќа. Нема повеќе онакво напредување на пожарот какво што беше во текот на целата ноќ, зошто дуваше орканско југо. Сега многу малку ослабна ветерот, но и тоа е поволно. Ќе видиме како ќе се развива сега“, рече Дукиќ.
Предупреди дека просторот е многу голем, а во прашање е преголема борова шума која тешко се предвидува. „Тука има ридови, тука има и високи борови… така што едноставно мора да бидеме внимателни“, рече тој.
Додаде дека автопатот е отворен за сообраќај, откако неколку часа поради пожарот беше затворен меѓу Пировац и Врпоље.
Извор Сител