Филмот „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов следната година ќе биде македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата најдобар долгометражен интернационален филм.
Како што соопштија од Друштвото на филмски работници, одлуката ја донела Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата во состав на Игор Иванов, режисер и претседател на ДФРМ, Ангела Несторовска, продуцент, Аксел Мехмед, актер, Сашко Потер Мицевски, филмски монтажер и дизајнер на звук, Игор Ангелов, актер, Дина Дума, режисер и Горан Игњатовски, мејкап дизајнер, а е прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука.
Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска, „Еј“ во режија на Васил Христов, „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски, „Боите на Преспа“ во режија на Перо Попов и „Џезмен“ во режија на Аљоша Симјановски.