Намалување на казни ќе има, но на маса е и конфискација на возилото

0
52

Значително ќе се намалат казните за сообраќајни прекршоци со новите законски измени кои во следниот период ќе ги поднесе МВР. Ваква најава даде министерот на внатрешни работи Оливер Спасовски, на вчерашната партиска трибина во Кичево, во рамките на кампањата „На прав пат“, којашто на почетокот на месецов ја почна СДСМ.

Измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата сѐ уште не се финализирани, се наоѓаат во рацете на работните групи во МВР и се очекува тие да ги завршат до крајот на октомври, по што ќе бидат достапни на јавноста и ќе бидат предмет на дебата и консултација со сообраќајните експерти.

Сепак, што може да се очекува од нив вчера навести Спасовски. Најавата за значителното намалување на казните за сообраќајни прекршоци предизвика многубројни реакции на социјалните мрежи, од искажување поддршка до коментари „на ваква сообраќајна култура, уште намалување на казните ни фали“.

Според нашите информации, намалување на казните, и тоа значително, како што рече министерот, ќе има и тоа најмногу ќе се однесува на оние прекршоци со кои реално не се загрозува сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

– На пример, ако те фати полиција без возачка книшка, глобата изнесува 100 евра. Сметаме дека тоа е превисока казна. Како ти ја загрозуваш безбедноста во сообраќајот со неносењето на книшката? – коментира извор од МВР.

Во оваа група се и казните кои што се однесуваат на задолжителното користење светло, кои изнесуваат 15 евра за невклучени светла дење и 35 евра за ноќе или 15 негативни поени за возачот; неносењето на сигурносен појас, за што возачот се казнува со 40 евра или 25 поени, а совозачот со 50 евра итн.

Засега надлежните не прецизираат колку би изнесувале новите казни и дали во групата на намалени глоби ќе влезат и други прекршоци, како што е зборувањето на мобилен телефон (казниво со 100 евра), погрешното паркирање со 45 евра и други. Се очекува работните групи да ги финализираат предлозите можеби и во текот на наредната недела.

Но, она што не може да се очекува, велат извори од МВР, е дека значителното намалување на казните ќе ги опфати сериозните прекршоци кои може да доведат до фатални последици. Дури, на маса пред работните групи се и идеи за воведување на поригорозни мерки, кои можеби поради сериозноста, наместо за овој, ќе бидат оставени за наредниот бран на законски измени. Меѓу таквите е и идејата за конфискација на возилото за повторувачите на прекршоци. На пример, таква казна би добил возач кој неколку пати ќе го фатат со висока количина на алкохол во крвта.

Кога се во прашање казните, новите законски измени ќе донесат и камери, пред сѐ на автопатите, со кои ќе се врши електронски надзор на безбедноста во сообраќајот и ќе може да се пишуваат казни за возачите кои ќе бидат „уловени“ дека не ги почитуваат правилата.

Овој електронски систем во јуни го најави и министерот Оливер Спасовски на тркалезна маса „Безбедно дома“, посочувајќи дека камерите ќе можат да препознаат одредени прекршоци и директно ќе се изрекуваат казни за сторителите, со што ќе се намали евентуалното влијание на човечкиот фактор и ќе се скрати времето на изрекување казни.