Боки 13 бара укинување на притворот поради лоша здравствена состојба

0
133

Првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13, заедно со неговиот адвокат Сашо Дуковски, денеска во Апелацискиот суд во Скопје на јавна седница побараа укинување на мерката притвор, укажувајќи на неговата лоша здравствена состојба.

За здравствената состојба на Боки, неговиот адвокат на судот му достави и медицинска документација.

Дуковски нагласи дека осомничениот секој втор ден се носи на клиниката за торакаларна хирургија за да прима терапија и да се интервенира, како и дека според мислењето на професорот лекар кој го третира во болница, тој треба да биде хоспитализиран.

Јовановски неговата состојба ја опиша како животно загрозувачка и нагласи дека два пати е неуспешно опериран.

– Покрај ова што го наведов за двете неуспешни операции со лекарска грешка е утврдено дека нерв од желудникот ми е пресечен, утврдено е и дека имам некаков проблем со белите дробови. Имам и четири дијагнози утврдени кои се однесуваат на кичмениот дел. По многу од укажаните упатствија на лекарот за примање терапија, условите каде се наоѓам не го дозволуваат тоа. Она со што сакам да ве запознаам е дека тоа што немам физички проблем и што можеби изгледам добро не ја отсликува мојата здравствена состојба која е животно загрозувачкa. Јас во оваа постапка треба да бидам жив и здрав, а не мртов, рече Боки 13.

Притворот на Боки 13 е по три основи и тоа, поради можноста за влијание на сведоци, за повторување на делото и поради опасност од бегство.

Боки 13 во однос на опасноста од бегство, посочи дека ниту неговиот ментален склоп, ниту поврзаноста со семејството, ниту неговиот лик и дело укажуваат дека ќе бега.

– Најважната работа е тоа дека јас живеам за докажување на вистината на овој случај, на својата невиност. Свесно кажувам дека сум тука целосно со сите мои сознанија, факти и докази да учествувам во фер кривично-правна состојба, изјави Боки 13.