Додик: Русија сака енергетски да биде присутна во Република Српска, но некому тоа не одговара

0
114

Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик изјави дека Русија сака да гради гасовод и да биде присутна во Република Српска.
Милорад Додик вчера во Белград разговараше со рускиот премиер Дмитриј Медведев и рече дека Русите имаат интерес своите енергенти да ги дистрибуираат низ целиот свет.

– Во тој поглед нивниот интерес е јасен. Тие сакаат да градат гасовод и да бидат присутни на овој простор, изјави Додик за Радио-телевизија на Република Српска. На некои тоа не им одговара и Американците сакаат да се продава гас кој се компресира од Америка. – Ние треба да избереме тоа што е најевтино и за нас долгорочно посигурно, рече Додик.

Премиерот на Русија, Дмитриј Медведев, за време на еднодневната официјална посета на Белград, со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ разговараше за билатералните трговски, економски и културно-хуманитарни односи, како и за Косово. Повод за посетата на Белград е одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Белград.

Русија ја поддржува Србија и е подготвена да и ја обезбеди потребната помош за зачувување на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев, обраќајќи се пред членовите на српскиот Парламент.

Медведев истакна дека Русија се залага исклучиво за мирно решавање на постојните проблеми, врз основа на Резолуцијата 1244 на ООН.