Формирана Единицата за интервентна полиција за поефикасно спротивставување на сите облици на уличен криминал

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ присуствуваше на официјализирање на формирањето на новата организациона единица при СВР Скопје – Единицата за интервентна полиција. Станува збор за единица која што настанува со спојување на досегашните единици – за јавен ред и мир, за асистенции и спровод и на „алфите“.

„Структуирана врз основа на проценетите потреби на СВР Скопје, но и врз основа на практиките на истородните полициски единици во земјите од ЕУ, Единицата, односно нејзините припадници ќе бидат фокусирани на остварување на работни задачи во посеопфатно и потемелно одржување на јавниот ред и мир, пред сѐ во делот на ефикасно спротивставување на сите облици на уличен криминал, особено кога е во прашање лоцирањето, справувањето и лишувањето од слобода на опасни, вооружени лица“, истакна министерот Спасовски.