Талат Џафери: Моите одлуки ги диктира законот

Уставот е јасен, вели претседателот на парламентот, укажувајќи на законските рокови за сите изборни дејства. Тие рокови не може да се кратат, дециден е Џафери.

Битката за последниот предлог на закон за Јавното Обвинителство, чие неусвојување лидерот на СДСМ го стави во директна корелација со можноста Собранието да не се распушти на 12-ти февруари, не ќе може да се води преку скратување на законските рокови предвидени за изборниот процес. Ваквиот заклучок произлегува од законски пропишаните рокови, кои не може да се скратат од 60 на 45 дена, со цел парламентот да добие дополнителни 15 дена за работа, како што се заложи Заев.

На ваквите аспекти укажува претседателот на Собранието, Талат Џафери, во разговор за Дојче веле. Тој потсетува и дека сѐ уште не е завршена 108-та собраниска седница од 27-ми август 2019 година, на чиј дневен ред остана претходна верзија на предлог-закон за Јавното Обвинителство. За тој предлог беа поднесени 50-тина амндмани, а десетина веќе беа усогласени во Комисијата за европски прашања.