Пендаровски би можел да прогласи кризна или вонредна состојба

0
120

Со ширењето на корона вирусот, државата има на располагање три мерки: прогласување кризна состојба во дел од земјата, кризна состојба на целата територија или вонредна состојба. Тоа би било за прв пат во нашата историја, вели претседателот Стево Пендаровски, и би било оправдано заради загрозувањето на здравјето на луѓето од поголем обем, но тој лично смета дека во овој момент нема потреба од тоа. Армијата може да се вклучи како помош на полицијата, слично како во кризните региони на јужната и на северната граница.

Според Уставот, вонредна состојба се прогласува при големи природни непогоди или епидемии. Ја утврдува Собранието, но доколку тоа не може да се состане, состојбата ја утврдува претседателот на државата. Пендаровски вели дека прво ќе го сослуша ставот на членовите на Советот за безбедност, а потоа ќе донесе одлука.

Пендаровски ги повика партиите во наредните пет до 10 дена повторно да размислат за одложување на изборите. Ги организираат 30 илјади членови на изборни органи од администрацијата, треба да гласаат околу милион избирачи, а ентузијазмот за гласање спласнува.