Пендаровски: Реално немаме ресурси да покриеме кризна состојба на цела територија

0
85

Претседателот Стево Пендаровски, во вечерашното интервју во емисијата „Топ тем“, образложувајќи зошто се уште не е воведена кризна состојба на цела територија поради пандемијата од корона вирусот, наведе дека раелно немаме ресурси за да се воведе кризна состојба на цела територија.

Тој нагласи дека во двете општини каде е воведена кризна состојба – Центар Жупа и Дебар, каде според него живеат околу 10.000 лица, се распоредени над 350 лица, припадници на војска и полиција, како и здравствени работници.

– Да објаснам за колкави ресурси станува збор, ако зборуваме за налик на онаа ситуација што ја имаме во Центар Жупа и во Дебар. Во двете општини, севкупно војска, полиција и здравствени работници имаме над 350 луѓе. За две општини кои по попис имаат 15.000 луѓе, а прашање е дали имаат 10.000 сега. Бидејќи е иселенички крај. Ако се оди така и во сите други општини, објективно во сите 80 општини, тоа е кризна состојба на цела територија, со ова ниво на контрола на влез и излез на границите на општините. Ние тоа не можеме физички да го постигнеме, нагласи Пендаровски

Тој наведе дека со комплетно ангажирање на армискиот состав, со комплетно ангажирање на полицискиот состав и на квалификуваните здравствени работници, ние тоа не можеме да го направиме на целата територија.

– Една работа е да имате на територија на две општини кризна состојба, друго е да имате на три или на четири. Вчерашната проценка беше дека добро е да воведуваме кризна состојба како што одредени општини ќе доаѓаат на дневен ред со вирусот. Можно е Скопје да оди во таа насока, се уште не е таму, бидејќи е голем град. И објективно оваа бројка што е досега детектирана за толкава бројка на луѓе што живеат тука и во околината, не е алармантна за да мора да се воведе, оцени претседателот.

Извор Press24