ПРВА ЖРТВА ВО ДРАЧ ОД КОРОНА, ПРВ СЛУЧАЈ РЕГИСТРИРАН ВО ТУРЦИЈА

0
139

Пациентка во Албанија, на возраст од 73 години, починала од компликации од коронавирус што воедно е и првата жртва во таа земја, објави 24 вести. Станува збор за жена која починала на клиниката во Драч, а претходно имала хронични срцеви и белодробни заболувања. На лекарите не им кажала дека била во Италија, па тие првично ја лечеле од грип, но откако им кажала дека се вратила од соседната земја, направено и е тестирање и потврден корона вирус.

Во Албанија се потврдени два нови случаи на лица заразени, со што вкупниот број на инфицирани се искачи на 12. Премиерот Еди Рама ги повика пензионираните лекари специјалисти да помогнат во справувањето со состојбата со новиот коронавирус.

„Постојат луѓе кои сè уште се динамични и силни, иако го прекинале работниот однос. Ќе добијат по 1.000 евра плус од нивната пензија.“ – изјави Еди Рама – премиер на Албанија.

Прв случај на заболен од новиот вирус е потврден во Турција. Станува збор за лице кое се вратило од Европа. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Анкара ги презела сите мерки против новиот коронавирус.

„Посакуваме Турција да ги надмине овие тешкотии без жртви. Ниту еден вирус не е посилен од преземените мерки.“ – изјави Реџеп Тајип Ердоган – претседател на Турција.

Во Србија, пак, се потврдени уште седум нови случаи, со што бројот на заразени достигна 12 и откажани се сите предизборни митинзи до 1 април. Словенечките здравствени власти потврдија нови случаи, и сега таму вкупната бројка заразени изнесува 47 лица.

По синоќешната одлука на Владата за затворање на границата, денеска од Италија во Словенија можат да влезат само оние кои имаат лекарска потврда дека не се заразени со коронавирус. Во Грција се регистрирани нови 10 заразени, со што фкупната бројка е 99. Белгиските власти го потврдија првиот смртен случај од ковид-19, станува збор за 90-годишен пациент хоспитализиран во Брисел.

Германската канцеларка Ангела Меркел на видео конференција со други европски лидери и членови на Европската комисија соопшти што прави нејзината земја за да спречи ширење на новиот коронавирус и како Владата финансиски ги поддржува компаниите особено погодени од епидемијата. Меркел очекува дека меѓу 60 и 70 отсто од населението во Германија да биде заразено од Ковид 19.

„Ние се соочуваме со предизвик каков што досега сме немале. Главниот товар е на министерот за здравство Јенс Шпан. Тој одлично си ја врши работа. Кризата сè уште не е надмината.“ – изјави Ангела Меркел – канцеларка на Германија.

Државната секретарка во британското Министерство за здравство, Надин Дорис, е заболена од новиот коронавирус, објави лондонски „Тајмс“. Весникот додава дека таа се сретнала со стотици луѓе во изминатите денови и дека била на прием со премиерот Борис Џонсон. Водечките претседателски кандидати на Демократската партија Берни Сандерс и Џо Бајден ги откажаа нивните предизборни митинзи во Охајо поради загриженоста од коронавирусот. Ова се први откажувања на митинзи во претседателската трка како резултат на вирусот кој брзо се шири во САД со над 800 заразени и 28 починати.

Во меѓувреме, главните служби во Вухан, епицентарот на новиот коронавирус, повторно ќе почнат да работат, соопшти Владата на централната кинеска провинција Хубеи. Ова се однесува на клучните сектори, како што се јавниот превоз, производителите на медицинска опрема и основните продукти за живот. Производителите кои имаат влијание врз кинеските и глобалните синџири на снабдување, исто така можат да продолжат да работат со одобрение од надлежните органи. Вухан го посети и кинескиот претседател.
Извор 24 вести