Разрешена директорката на кожната клиника, клуч за клиниката, 103 лекари во изолација

0
79

Министерството за здравство по изборите ќе ја разреши од функција директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Биљановска, која по враќање од Италија 5 дена редовно одела на работа, со што го загрозила здравјето на персоналот и пациентите. Поради ова, клиниката во наредните 14 дена нема да работи. 11 пациенти кои биле хоспитализирани и 13 кои биле прегледани минатата недела, ќе бидат во домашна изолација поради опасност од заразување со коронавирус.

Освен нив, во домашна двонеделна изолација ќе бидат и 64 лекари и 103 лекари кои учествувале на Симпозиумот одржан в сабота, каде предавање одржала заразената директорка со коронавирус. Меѓу нив имало и 3 доктори од Грција и лекари од Кожната болница Штип, поради што клуч ќе се стави и на оваа болница.

Со последниов случај, бројот на заразените се искачи на 4. Сега за сега сите се во стабилна состојба, при Инфективната клиника. И покрај тоа што за две недела беа регистрирани 4 случаи на коронавирус, ниту границите, ниту училиштата нема да се затворат. Министерот Филипче изрази длабоко разочарување што граѓаните не се придржуваат до препораките и превентивните мерки за автоизолација по пристигнување од ризичен регион и најави санкции. Кривичниот законик, односно Членот 205 за пренесување заразна болест предвидува казна затвор од три години како кривично дело против човековото здравје.