Сакеларопулу: Очекувам мојот избор да биде повод за подобрување на позицијата на сите жени

0
130

Изборот на жена, првпат на највисоката функција во земјата, се надевам дека ќе биде повод за подобрување на позицијата на сите жени, како во семејството, така и во општеството. Време е жените од земјата да сфатат дека можат да стигнат до посакуваното со нивната вредност, без да се соочат со пречки само затоа што се родени како жени, рече новата грчка претседателка Екатерини Сакеларопулу по официјалното преземање на функцијата, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на нејзиното обраќање, таа рече дека земјата е повикана да се соочи со нови предизвици, а се осврна и на ситуацијата на грчко-турската граница кај Еврос, но и на коронавирусот.

– Во овој момент, повикани сме да ја спречиме агресијата на оние кои, инструментализирајќи го човечкото страдање, му се закануваат на нашиот национален суверенитет. Ова се однесува на неодамнешното заострување на мигрантското /бегалското прашање, кое бара од нас да го заштитиме интегритетот на нашите граници, а истовремено да ја исполниме нашата хуманитарна должност кон беспомошните и очајните луѓе. Тоа е тешка, но не и нерешлива равенка, рече Сакеларопулу и додаде дека оваа задача бара сплотеност, разумност, решителност и претпазливо управување.

Во однос на коронавирусот, нагласи дека потребно е сите граѓани да се придржуваат кон препораките и упатствата од надлежните органи и кон превентивните мерки, „со цел да се спречи дополнително пренесување на вирусот“.