Харви Вајнстин осуден на 23 години затвор

0
81

Холивудскиот продуцент ќе одлежи повеќе од две децении зад решетки откако беше прогласен за виновен за силување и сексуален напад.

Вајнстин, кој беше обвинет од десетици жени за сексуално злоставување, минатиот месец беше прогласен за виновен од поротата на судот во Њујорк, откако беше докажан еден случај на силување и еден на сексуално злоставување. Вајнстин се соочуваше со максимална казна од 29 години затвор.

Вајнстин за време на судењето тврдеше дека не е виновен за ниту едно од делата кои му се ставаат на товар, а по пресудата не покажа никаква реакција. Претходно тој го прекина молкот барајќи милост од судијата, изјавувајќи дека почуствувал „емпатија“ за жртвите по откривањето на случаите. Вајнстин пред судот изјави дека чувствува „каење за ситуацијата“, но и дека е изненаден од развојот на случајот и #MeToo климата во која се одвиваше.

„Илјадници мажи ги губат процесите. Загрижен сум за оваа земја“, рече тој, додавајќи дека мажи се обвинуваат за „настани кои никој не ги разбира“.

„Целосно сум збунет. Мислам дека мажите се збунети за овие случаи“, рече Вајнстин и додаде дека има убави сеќавања на жените кои ги обвинуваат.