Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести за мои службени патувања и репрезентации

0
76

Министерката за одбрана посочи дека токму таа недела, за која опозицијата тврди дека била на службени патувања и трошела за репрезентации, во Министерството е донесено решение за укинување на овие трошоци

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја демантира информацијата што ја објави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев дека таа минатата недела одела на службени патувања и трошела службени пари за репрезентации.

„Ова се однесува на истата недела кога скопскиот аеродром е затворен и истата недела кога можете да видите дека секој ден сум присутна во главниот штаб и на седниците на Владата. Изминатата недела во четвртокот со решение ги укинав сите репрезентации за сите вработени, вклучително и за мене. И во ситуација кога тоа го правите, да добиете вакви квалификации од партијата која стана позната по ручеците со бизони“,

рече Шекеринска.

Таа им порача дека ова не е време за лажни вести, и дека ова е последен пат да одговара на лагите на ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што рече, не треба да и го трошат времето.

„Ова е недела на два големи успеси и на голема криза во државата и во светот, со која се соочуваат човештвото и нашите граѓани. Сè се менува со светлосна брзина, и проблемите и предизвиците, но само една работа е иста – ВМРО-ДПМНЕ продолжува наместо со пофалба и помош да работи со лаги. Ниту помагаат ниту честитаат. Во овие моменти кога водиме лавовска битка со коронавирусот и кога ги бележиме најголемите успеси по најзначајните стратегиски прашања опозицијата се труди да ни го губи нашето време со лаги. Со тие лаги тие мислат дека ќе го скријат нивниот срам за несериозниот однос кон кризата и тоа што 11 години не држеа замрзнати, а ние докажавме дека за две години можеме да добиеме и членство во НАТО и преговори во ЕУ. Во вакви тешки моменти ја дефокусираат нашата работа“,

рече Шекеринска додавајќи дека целиот фокус на Владата во моментов е на справување со кризата, успехот во однос на членството во НАТО и преговорите со ЕУ, односно да се преземат сите мерки земјата да не плати цена ниту во однос на здравјето на луѓето ниту како последици врз економијата.

Извор 360степени