Маски и марами на лице како услов за укинување на полицискиот час од втори мај

0
77

Маски и марами на лице за сите како услов да се укине полицискиот час. Ова се планираните чекори кои треба да доведат до намалување на строгите рестрикции, а задолжително ќе остане мерката за социјална дистанца од 2 метри меѓу луѓето. Во втора фаза би одело отварање на кафеаните и рестораните, регулирање на работата на индустриските капацитети, додека засега нема размислување за отворање на училиштата, дознава Телма.

Владата пред два дена на седница одлучи да се изработи уредба за да се казнува неносењето маски на јавни места и во затворени простори, а денеска владини извори тврдат дека казните нема да се пишуваат првата недела од важењето на се уште ненапишаната наредба, туку тогаш само да се издаваат опомени. Целта на предлогот „маска на секое лице“ е да се обезбеди пошироко почитување на мерките за да се намалат рестриктивните мерки како долгиот полициски час. Но целото олабавување треба да се случи после први мај, а тоа без многу детали го најави и преку фејсбук пост, премиерот Спасовски.

Оливер Спасовски, претседател на Влада: Подготвуваме сериозен план, после првомајските празници да започне процес на враќање на нормала. Тоа нема да биде бргу, ниту веднаш.

Уредбата со кои ќе се регулира носењето на маските и марами, како и казните за нив треба да ја направи министерството за правда, но досега нема детали за напредокот на тоа поле. Од ова министерство, за Телма, вчера соопштија дека нема да учествуваат во изработката на таква уредба со сила на закон, освен во делот со казните. Најспорен е дел од соопштението на владата со што се тврди дека „групирањето над 5 лица треба да се смета за кривично дело и да има кривична одговорност“. Владини извори за Телма денеска тврдат дека предлозите се работат во соработка со комисијата за заразни болести и дека се е на ниво на предлог. Полицајците би добиле нова задача, да фотографираат групирања и граѓани кои не носат маски во јавен простор како докази за мандатни опомени и казни.

Идејата ќе зависи и од тоа како во трите града Куманово, Прилеп и Тетово ќе се одвива обврската која треба да почне да се применува од среда. Доколку маските ги покријат лицата, тогаш би требало да настапи наредната фаза за олабавување и целосно укинување на полицискиот час. Тоа би требало да се случи после први мај, а наредната фаза околу 15-ти мај би било отворањеа на кафеаните и угостителските објекти но само со 20 проценти капацитет. Фабриките треба да го прилагодат процесот на производството со почитување на задолжителното растојание од два метри меѓу работниците.

Извор Телма