Бугарија со нова провокација, БАН издаде книга за македонскиот како бугарски дијалект

0
76

Бугарските тврдења за македонскиот јазик се преточија во книга во која се бара официјалниот јазик на земјава да се нарекува Северно македонски бугарски јазик.

Во Книгата напишана од дваесетина академици на БАНУ, а зад која стои и потпретседателот на тамошната академија Васил Николов, се тврди дека македонскиот е форма на бугарскиот јазик, создаден по втората светска војна. Во книгата, на неколку мапи се претставени повеќе дијалекти на бугарскиот јазик, кои во голем дел соодветствуваат со Сан – Стефанска или Голема Бугарија. Николов кој ја презентираше книгата, вели дека на ваков чекор се решиле бидејќи биле испровоцирани од декларацијата на МАНУ за македонскиот јазик минатата година.

-Јазикот на кој говорат луѓето во денешната Република С. Македонија е една регионална норма, писмено регионална норма на бугарскиот јазик. Има такви неколку норми на територијата на бугарската дијаспора и таа е една од нив. Таа е во последните 75 години доста променета за да се оддалечи од книжевниот бугарски јазик. / Кажуваме многу јасно, јазикот е бугарски, варијанта на бугарскиот јазик, но тоа не значи, ние не им викаме на тие луѓе дека се Бугари, етничкото сознание е нешто лично,вели Васил Николов – Потпретседател на БАНУ.

По прашањето за македонскиот јазик и историјата, се огласи и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, која утринава ги повтори позициите на официјална Софија за земјава и нејзиниот евроинтегративен пат. Во интервју за бугарските медиуми Захариева вели дека целта на Бугарија според неа е да се признае како што ја нарече, заедничката историја, и јазичната норма.

-Целта е да ја признаеме заедничката историја, да ги чествуваме заедно оние херои што се самоопределувале како Бугари, но се бореле за идеалите на Македонија, која, што е проблемот да се каже, да, јазичната норма, која е официјална во нивниот Устав, започна во 1945 година и се заснова на бугарскиот јазик. Кој е проблемот да го кажат тоа?- Екатерина Захариева – Министер за надворешни работи на Бугарија.

Од Институтот за македонски јазик пак велат дека книгата ја добиле во текот на вчерашниот ден, а став по неа ќе изградат во текот на викендот, и ќе се произнесат во понеделник. Став побаравме и од МАНУ, но до емитувањето на овој прилог не добивме одговор. Изминатиот период односите на релација Скопје-Софија се отежнати, токму поради прашањето за историјата и јазикот, а бугарската страна во неколку наврати најави дека може да го отежне патот на земјава кон членство во ЕУ.

Извор Канал5