ЗАТВОРЕНА КНИГА, РАЗОЧАРАН ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ ( КОЛУМНА НА НЕБОЈША АРСИЌ)

0
313

Пишува Небојша АРСИЌ

Дотолку е столчено интелектуалното ткиво што кога прашуваш обичен човек дефиниција за интелектуалец тој одговара со потсмев. Низ времето се навикнавме да следиме дебати по телевизии со вкочанети водители и урлање на гостите во емисија. Се навикнавме да гледаме како некој дотеран и божем угледен тип, излегува од канцеларијата на некој извршител, таму молел и се расправал да му се намали казната, но, штом излезе од канцеларија пали марлборо и се однесува учтиво и отменски. Повеќе луѓето не сметаат некого за ниво. Нивото повеќе не е мерило за степенување туку вештина на одглуменост на господин. И сега се прашувате кој е вистински господин? Или пак кој е интелектуален господин?

До утре може да се напишат многу дефиниции се додека не ми се појави во помислата еден од основно со многу лош тогашен имиџ а денешен суперхерој на секојдневието. Кој ли тогаш ги спроведуваше тие норми? Кој тогаш ракоплескаше на читањето и учењето а кој денес ракоплеска на секој изговорен глас на политичарот?

На учењето ракоплескаа и единичарите. Денес на говорите на политичарите ракоплескаат тогашните петкаши а единичарите до нив им велат „можете вие и посилно да ракоплескате“!
Тие диктираат, тие собираат лајкови. Мангупи во секоја смисла на зборот.
Некој на единичарите им влева самодоверба и го воспоставува така системот, за да не мора истиот удоволен единичар утре да му се прави паметен. Со таквите е најсигурно. Памет немаат. А вршат работи, кои, оној петкашон, ни на сон не би ги направил. Балканика.
Знам дека многу од вас ќе се сложат со сето ова, додека многу од вас и ќе си речат „касно е веќе, возот отиде“.

До каде стигнавме вака?

Стигнавме до безгласноста на оној интелигентниот, стигнавме до врвот на срамежливоста на оној петкашон, оној глупиот што учел, стигнавме до тоа да успехот се мери со профитабилност и пари, стигнавме до тоа да ги мешаме поимите дотеран сељак и скромен интелектуалец. Дотераниот знаеме кој е. Оној „успешниот“.

Зарем општеството постана дотолку рамнодушно да кога единката оди по пат и здогледа болен човек отстрана како моли за помош, првото прашање е дали да му помогнам? Да. Порано сигурно никој не се прашувал дали да помогне. Токму тоа е знак за нарушено општество. Човечкото е некаде згрутчено во нас. Се плашиме и како да постапиме во било која ситуација. Се изгубивме.

Сите постоечки воспитно-образовни институции се темелат и тежнеат да ги научат децата на општи вредности, но во пракса се случува нешто сосема друго. Дојди биди паметен и воспитај си го детето да утре биде комплетна личност. Хм, малку тешко а?

Како велат, направи да биде бар ЧОВЕК, за останатото со негова среќа. Интересно. Се е оставено на случајот. Затоа толку ни е човечно општеството.

Нечовечноста потекнува и ја поттикнува само нерамноправноста во општеството. Не знаеме што е правилно а што не е.

Надменоста на некои функционери, кога велам функционер мислам на личност што раководи некоја битна функција во одредена гранка за доброто на сите. Е, сега кога неговиот шофер врши работи на луѓе за кој не е ни малку поставен за тоа, и кога шоферот прераснува во влијателна личност, безмалку општествените неприлики натежнуваат. Тој шофер има само еден над него, оној надмениот, и сите други се под него. Шоферот е манга со осмо одделение. Плус залижан. Сите го почитуваат. Значи интелектуалецот мора да се бори исклучиво за функција за да го престигне шоферот. Така е поставен системот. А малку функции. Се разбираме нели?

Токму насловот на колумната ги дава одговорите на сите овие прашања. Еве го и главниот одговор: Не може овчарот да ги води сите стада само затоа што е умен, овчарот може да го води само стадото кое му припаѓа. Секој човек е онолку вреден колку што вложил во себе. Кога општеството ќе му го потпкопа вложениот труд и знаење на школуваниот, тогаш интелектуалецот се впушта во тишина, во домот. Сам. Така учел. Тој толку многу е искинат во душата а толку многу гонет од најблиските.

Да.Едноставно. Не се снашол во ова општество. Толку книгата го оддалечила од суштината на секојдневието, што почнува да ја мрази книгата.

Впрочем, нашата општествена фаза во која се наоѓаме е затворена книга и разочаран интелектуалец