Д-р Стевановиќ: 50 проценти од пациентите кои починале од КОВИД-19 се донесени предоцна на лекување

0
86

Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Милена Стевановиќ одговарајќи на новинарско прашање за смртноста од Ковид-19, на денешната прес-конференција изјави дека 50 проценти од пациентите кои починале од КОВИД-19 по хоспитализација на Клиниката, биле донесени на лекување предоцна и дека исходот можеби би бил поинаков доколку пациентите се консултирале со матичниот лекар кој би ја следел нивната состојба.

„Од вкупниот број од над 470 хоспитализирани и лекувани на клиниката, имаме 90 пациенти кои се со смртен исход. Најголем дел од пациентите се донесени по 10-15 дена самолекување дома, без никаква претходна консултација со лекар. Барем 50% од пациентите кои се лекувани кај нас и завршиле со несакан исход, кај нас се предоцна донесени на лекување и верувам дека исходот би бил различен ако пациентите барем го консултирале својот матичен лекар да ја следи нивната состојба и евентуално влошување“, рече Стевановиќ.

Таа исто така укажа дека на клиниката веќе имаат голем број на починати пациенти од КОВИД-19 кои не се многу возрасни, т.е. се на средна возраст и кои не пријавиле хронични болести.

„Возраста и хроничните болести го носат цехот со себе и ризикот од сериозно тешка манифестација на КОВИД-19, како и зголемен ризик од смртен исход. Но, имаме и сериозен број на пациенти кои не се многу возрасни, на средна возраст, кои не пријавуваат хронични болести, но текот, развојот и компликациите на болеста го донеле најнепосакуваниот исход“, рече Стевановиќ.