Викендов се одбележа 41 издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

0
62

Kако што и претходно беше најавено во јавноста, во саботата беше одржано, односно одбележано 41 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”, во Музеј и завод Битола

Со цел во фокус да се стави безбедноста и здравјето на љубителите на филмската уметност, оваа година фестивалот не се одржа на традиционалниот начин.

Во саботата беа прогласени лауреатите, имаше нивно кратко обраќање, како и на челните луѓе на фестивалот.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм” што ја доделува Друштвото на филмски работници, годинава му припадна на една од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов. Наградата свечено му ја врачи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, кој истакна дека во филмската уметност повеќе од која било друга националниот предзнак е исклучително важен.
„Ако треба со некое име на автор да ја означам нашата кинематографија, македонската кинематографија – тоа несомнено е Столе Попов”, рече Иванов, потсетувајќи на најважните награди и признанија на Попов, што кулминираше со номинацијата за Оскар за документарен филм во 1979 година, за „Дае”.

„Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите кои живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето кое го живееме и во годината во која нашето Друштво на филмските работници на Македонија ја одбележува 70-годишнината од своето постоење, исклучително ми е драго што нашето најголемо признание „Големата ѕвезда на македонскиот филм” ќе му ја доделиме на Столе Попов”, рече Иванов.

Заблагодарувајќи се за наградата, Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но сепак има два типа на признанија кон кои не може да биде индиферентен и ги прима со голема радост, а тоа се наградите од публиката и од колегите.

„Секој што се занимава со филм знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до филм, тоа се илјадници помали и поголеми битки, од најтешката битка со самиот себеси за да се оствари визијата која ја носите во себе и на најсугестибилен начин да ги придобиете соработниците со кои работите за да од практично ништо направите нешто што публиката ќе го засака и ќе го гледа и тоа нема да се изгуби со текот на времето. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред се’ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да им го свртам вниманието на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои се’ почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.

Возбудлив момент на ова одбележување на 41. издание на „Браќа Манаки” беше обраќањето на годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животен опус, оскаровецот Јануш Камински, големиот полско – американски и светски кинематографер, кој своето обраќање го почна на македонски јазик: „Здраво, пријатели, како сте? Огромна чест ми е што сум добитник на наградата за животно дело од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”. Се чини дека сум најмладиот добитник. Сепак, се вели дека годините се само бројка. Би сакал да им честитам и на сите филмски професионалци признаени од фестивалот за нивната работа. Ви честитам. Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија! Освен тоа, не можам да ви опишам колку ми е мерак што ќе ја посетам Македонија, и ќе пијам Мастика. Не дека сум некој голем пијач, но сакам да дегустирам различни видови алкохол.

Од друга страна, на повеќе лично ниво, морам да се пофалам каква среќа имам што сум кинематографер. Мислам дека тоа е најчудесната професија на светот, да можеш да се изразиш себеси естетски и уметнички преку светлината и сенките. Тоа е уметничка форма што полека, но сигурно исчезнува. Би сакал да ја нагласам важноста на визуелното раскажување. Би сакал да ја нагласам важноста на сенките и светлината. На сите млади кинематографери што ме гледаат им порачувам – мора да работите на вашата уметност, мора да работите на вашиот занает. Работата не е во тоа само да покажете слика, поентата е во визуелните метафори, во раскажувањето приказна преку композицијата, движењето на камерата, и светлината и сенките.

Ви посакувам добра среќа на сите. Уште еднаш ви благодарам за оваа награда. Како што веќе кажав – Едвај чекам да се видиме во Македонија”, порача Камински.

Свое обраќање имаа и министерката за култура, Ирена Стефоска, како и претседателот на државата, Стево Пендаровски, потенцирајќи на тоа дека „Браќа Манаки е еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност. Од името на фестивалот зборуваше директорката на “Браќа Манаки”, Гена Теодосиевска, која кажа дека веќе се подготвува следното издание на фестивалот.

„Подготвуваме квалитетна програма за да поканиме филмски уметници кои ќе бидат вистинските јунаци на новите слики, да ни дојдат гости и посетители од целата наша земја, регионот, како и што се случуваше во последните години. Би сакала да им се заблагодарам на сите што го сакате фестивалот, што го поддржувате, и ја поддржувате филмската уметност, колку и да е интересна, колку и да е, можеби, комплексна, но се обидувате секогаш да навлезете во нејзината слика како да сте вие дел од неа. Многу ќе ми недостасуваат, и мислам дека на сите ни недостасуваат, тие осум дена полни со адреналин кога трчаме од едно до друго кино. Знам дека целата оваа година, на идното издание догодина, ќе им ја раскажуваме на нашите гости, кои што ќе ги пречекаме овде во Битола, а тие ќе бидат растрчани од Центарот за култура, до Малата сала, до Големата сала, до Магазата, до Пациото и до новото Кино Манаки, кое што Општина Битола, сепак, успеа да го направи. Драги мои пријатели, многу ви благодарам што овој еден час, овој драгоцен час за нашиот мал тим, бевте со нас”, рече Теодосиевска.

Битола од ова лето има уште едно, ново кино, на местото на некогашното кино, но пандемијата ја спречи промоцијата на новата киносала „Манаки”. Публиката имаше можност да види видео материјал за оваа нова културна и филмска точка на Битола.

Согласно новата ситуација, оваа година изостана црвениот килим и дозата гламур која ѝ ја даваше на фестивалот.
Повеќето дами, се одлучија за проверени црни креации. Гена Теодосиевска се појави во коктел фустан со рамен крој во комбинација со впечатлив ѓердан.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска се одлучи за класична комбинација – црни панталони и кошула во портокалова нијанса, со транспарентни делови на ракавите.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс се одлучи за фустан со принт и класично сако.

Водителката Маја Андоновска Илијевски исто така се одлучи за црна комбинација, но мошне софистицирана и тренди.
https://www.instagram.com/maja_andonovska/?utm_source=ig_embed
Таа носеше црно одело со монистра од страните, кои даваа свечен тон, каков што доликува на ваква манифестација.
https://www.instagram.com/maja_andonovska/?utm_source=ig_embed
Меѓу присутните беше и првата дама на Македонија, госпоѓата Елизабета Ѓоргиевска, која внесе свежина и боја. Нејзиниот избор беше коктел фустан во впечатлива сина нијанса, со лелеаво здолниште и горен дел со широки ракави и транспарентни делови, креација на дизајнерката Лидија Георгиева.
https://www.instagram.com/elizabetagjorgievska/?utm_source=ig_embed