КОВИД-19 беснее во источна и јужна Македонија

0
196

Бројката на заразени од КОВИД-19 во источна и јужна Македонија е загрижувачка. Според секојдневните извештаи од министерството за здравство може да се увиди дека бројката на заболени од овој дел на земјата никако да се намали, но најстрашно е што граѓани со температура со денови чекаат тестирање од истиот вирус. Власта за ова молчи, или едноставно сака да прикрие дека поради недостатокот на лекари во овој дел од земјава на граѓаните здравјето е загрозено.

Во источниот и јужниот дел на земјава има над 500 активни случаи на КОВИД-19. Граѓаните стравуваат дека ситуацијата може целосно да излезе од контрола зошто нема никакво почитување на мерките за заштита од вирусот.

НЕПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИ
Јавноста по медиумите виде како во овие делови од земјава не се почитуваат мерките. Имено, се собираа по дискотеки младите и се забавуваа. За ова пример беше и дискотеката „Аватар“, Струмица каде што стотина млади излегуваа, се забавуваа како да не постои вирусот. Дискотеката или пак кафулето по обелоденување во јавноста, сепак работеше во полна пареа, ниту инспекцијата не реагираше доволно. Иако според одредени извори „Аватар“ е во сопствеништво на роднина на премиерот Зоран Заев. Дури можеше и да се забележат по социјалните медиуми фотографии каде што се забавуваа и децата на премиерот. Собирања во Струмица и околината има секакви, од прослави, кафулиња, излегувања, дружби, и многу ретко може некој да се забележи со маска. Поради излегувањата по кафулиња и дискотеки во овој дел од земјава таргет групи не се постарите и повозрасните лица. Таргет група на заразени се од 15 до 30 години.

Додека, пак, во Валандово имаше кластер на заболени во конфекцијата „Анел“, каде што на трипати по 15 вработени беа во изолација, и конечно сега веќе е целосно затворена.

Според извештаите на министерството за здравство, очигледно е дека нов кластер станува и општина Гевгелија. Во овој град за две недели има заразено околу 50-тина лица, иако за шест месеци имало само околу 30-ина активни случаи.

Бројот на заразени од коронавирусот во кочанско е во постојан пораст. Во моментот има 103 активни случаи. Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, секојдневно апелира дека ситуацијата е многу сериозна и дека мора да се почитуваат мерките за заштита.

Во периодот се забележува и зголемувањето и на заразени од КОВИД-19 во Пијанечко-малешевскиот регион. Откако пред некое време во овие општини имаше намалување на бројката на новозаболени, сепак овие две последни недели повторно е забележан пораст за позитивни на коронавирус. Надлежните од делчевскиот здравствен дом истакнаа дека и во Делчево и Македонска Каменица продолжуваат тестирањата на лицата кои имале контакти со заразените.

„Се работи за случаи од семејни кластери кои ја сочинуваат бројката на поголем дел од позитивните случаи. Се очекуваат уште резултати од тестовите, за кои се надеваме дека повеќето ќе бидат негативни“, истакнаа од делчевскиот здравствен дом.

Од здравствените установи во Берово и Пехчево информираа дека случаите се асимптоматски. „Дел од заболените се асимптоматски случаи. На сите им посакуваме добро справување со вирусот и поскоро оздравување“, додаваат надлежните.

НЕДОСТИГ НА ЗДРАВСТВЕН КАДАР
Енормното иселување на млади доктори во европските земји, но и пензионирањето источна и јужна Македонија останува без стручен кадар. Проблемот е присутен и се провлекува неколку години наназад. Во последниве неколку години македонските медицинари, лекарите и другиот стручен персонал масовно заминува на работа во западните земји, а најпосакуваните дестинации каде што има работа за лекарите и сестрите се Германија, Австрија, Белгија, Словенија и нордиските земји. Проблемите со иселувањето на стручниот медицински персонал од нашите болници и поликлиники најдиректно ја погодува заштитата на здравјето на граѓаните.

Во Делчево според информациите на надлежните, минатата година не се искористиле и специјализациите, кои ги добиле од ресорното министерство, бидејќи двајца лекари си зеле приватни специјализации за гинекологија, па здравствениот дом извисил на тој начин. На истокот просечната старост на специјалистите е околу 60 години, недостасуваат педијатри и интернисти. На штипската Клиничка болница недостасуваат лекари специјалисти за инфектологија, неврологија, педијатрија и на одделението за уво, нос и грло. Но во овој регионален центар најголем недостиг има од медицински сестри и болничари.

Граѓаните реагираат дека ненавремени и лоши услуги понекогаш се и пресудни по нивниот живот, особено кога треба да се интервенира во итни ситуации. Проблемот со недостаток на специјалисти не се однесува само на пациентите, туку и на самите специјалисти кои во текот на еден работен ден се случува да треба да прегледаат и до 50 пациенти. Тоа не им дозволува временски да посветат доволно внимание и грижа за секој поединец, што повторно резултира со незадоволство.

Министерот за здравство Венко Филипче во 2019 година по повод 7-ми април, Светскиот ден на здравјето на Факултетот за медицински науки Универзитетот во Тетово изјави: „До 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат 100 илјади денари, односно 1.600 евра“. Притоа истакна дека во 2018 година биле распишан рекорден број државни специјализации, односно 240 спецојализации и 115 супспецијализации во различни области, а во 2019 година во септември следел конкурс во специјализии, особено во дефицитарните кадри.