Георгиевски во лоби-мисија во Бугарија: Никој не сака промена на Уставот и нов договор

0
79

„Oд бугарска страна никој не сака промена на нашиот Устав и нов Договор. Ова лично го слушнав од бугарските политичари. Софија сака спроведување на Договорот од 2017 година и конкретни резултати од работата на Мешовитиот комитет за историски прашања“, вели поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС. Тој лоби-мисијата во Софија ја започна со средба со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Георгиевски во 1999. со неговиот тогашен колега, бугарскиот премиер Иван Костов, потпиша „Декларација за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“.

Односите меѓу Скопје и Софија се вжештија изминатиов период откако бугарски политичари ја условија интеграцијата на Македонија во ЕУ. Во меѓувреме ниту историчарите на двете земји не успеаја да изнајдат решение околу спорните прашања на неодамнешната средба во Скопје. Камен на сопнување останаа неколку историски прашања, особено најчувствителното – за ликот и делото на Гоце Делчев.

Вето за ЕУ би било многу лошо

Георгиевски во интервјуто наведува дека во Македонија има „длабока држава” која работи на нарушување на нормалните односи помеѓу двете земји, гради омраза и непријателство кон Бугарија. Во таа „длабока држава“, според Георгиевски, има професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност. „И покрај таа ’длабока држава’ во Македонија, сакаме зближување со Бугарија. Гоце Делчев нè обединува“, вели Георгиевски.

„Треба да ги признаеме заслугите на Зоран Заев поради неговата желба за пријателство со Бугарија. Заев и Бојко Борисов треба да изнајдат решение со кое ќе се тргне кон историско доближување“, смета Георгиевски. Според него, во Македонија се создала кампања дека Бугарија бара да се промени Уставот на Македонија, што не било точно, а од друга страна, многу лошо ќе било ако Бугарија стави вето за Македонија пред Европската унија.
Дојче Веле