Научници: 15% од смртните случаи од Ковид-19 во светот веројатно се должат на загадениот воздух

0
99

15 отсто од смртните случаи од коронавирусот во светот најверојатно се должат на загадениот воздух, тврдат научници од Германија и Кипар. Нивната студија покажува дека во позагадените региони, смртноста од ковид 19 е поголема. Кај нас, граѓаните навечер се гушат во загаден воздух.

Мерните станици покажаа високо ниво на загадување во Скопје, Куманово, Кавадрци, Велес… Во овие градови беа измерени меѓу 170 и 260 микрограми ПМ 10 честички во воздухот. Најмногу загадено беше во скопската населба Лисиче каде беа измерени 269 микрограми ПМ 10. По реакциите на скопјани за аерозагадувањето, градскиот татко засега е само загрижен.

„Оваа година за жал сите сме во една посензитивна позиција имајќи ја предвид и пандемијата, и целосно и моето разбирање и мојата лична загриженост за состојбата со загаденоста на воздухот и сензитивноста на јавноста е апсолутно разбирлива“, рече Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.

Министерот за екологија Насер Нуредни преку законски измени ќе го намалува загадувањето во земјава. Тој во емисијата 200 на Алсат изрази оптимизам за зголемување на казните за загадувачите. Во оваа борба, министерот очекува поажурно да се вклучат и општините.

„Општините и локалната власт да имаат план за менаџирање каде, ако се надминат границите на загадување, тие ќе бидат обврзани да преземаат прецизни мерки, на пример, да го сменат сообраќајот, работното време, распоредот на индустријата, промена на начинот на греење. Ако локалната власт не ги преземе овие активности, ќе има Владата право да интервенира и да предложи да ги повлече одлуките“, рече министерот Нуредини.

Мерките не се доволни за да се реши проблемот со загадувањето, реагираат невладините. Бараат да се забрани употребата на јаглен, а таму каде се согорува, не се мери загадувањето. Активисти во Новаци со мерни инструменти се обидуваа да најдат место во близина на РЕК Битола кое што не е загадено. И на блискиот рид во селото, имаш аерозагадување.

„Досега не сме наишле на позитивна реакција за поставување на мерни станица во општина Новаци конкретно кадешто е оваа ситуација. Последните информации се согласно еколошката дозвола за РЕК Битола тие треба да постават три мерни станици во таа опшптина, меѓутоа таа еколошка дозвола се влече со децении“, рече Давор Пехчевски, еколог.

Според екологистите, треба повеќе да се инвестира за да се победи борбата со аерозагадувањето, а институциите меѓусебно да соработуваат.

ИЗВОР АЛСАТ М