Најмалку 28 луѓе починале во Јужна Кореја откако биле вакцинирани против грип

0
77

Најмалку 28 луѓе починале во Јужна Кореја откако биле вакцинирани против грип, објави во четвртокот службената новинска агенција Yonhap повикувајќи се на националната агенција за контрола и превенција на болестите.

Според податоците на јужнокорејските здравствени власти, во земјата од 16-ти октомври до четвртокот вечерта по локално време починале 28 лица откако биле вакцинирани против грип. Првиот таков случај е регистриран минатиот петок во градот Инчеон, каде набрзо по вакцинирањето починал 17 годишен ученик. Следувале слични случаи во градот Сеул, во покраината Гјонџи и во други региони.

Повеќето од починатите досега се лица во поодмината возраст. Многу од нив страдале од други сериозни болести, додаваат здравствените власти.

Според информациите до кои дошла агенцијата Yonhap, тестовите покажале дека најмалку два смртни случаи може да се поврзат со анафилактичен шок, кој е еден од најчесите несакани ефекти од вакцинирањето.

Во врска со оваа ситуација, јужнокорејското здружение на лекари предложило програмата за вакцинирање против сезонскиот грип да биде прекината една седмица, до 29-ти октомври.

Како одговор на загриженоста на јавноста во земјата, експертите истакнуваат дека во најмалку шест случаи истражувањето не открило поврзаност меѓу вакцината за грип и смртта. Не биле откриени ниту токсични супстанции во вакцините, се додава во соопштението за јавноста.

Претходно шефот на јужнокорејската агенција за контрола и превенција на болестите, Јунг Јун-кјунг изјави за медиумите дека не е утврдена директна врска меѓу вакцинацијата и смртните случаи, како и дека моменталната ситуација не бара прекинување на програмата за имунизација на населението од сезонскиот грип.

Според Yonhap, речиси 13 милиони луѓе се вакцинирани во рамките на владината програма. Целта е да се избегне дополнително оптоварување на болничкиот систем во земјата поради сезонскиот грип во услови на пандемијата на коронавирусот. Агенцијата Reuters, пак, додава дека владата во Сеул планирала сезонава да бидат вакцинирани речиси 30 милиони Јужнокорејци, од кои 19 милиони вакцината ќе ја добијат бесплатно.

Претходно во септември јужнокорејските власти објавија дека околу пет милиони дози од вакцината против грипот во Јужна Кореја може да бидат проблематични поради несоодветено складирање, но не веруваат дека тоа не влијаело врз нивниот квалитет и ефикасност.

ИЗВОР НЕТПРЕС