Се бојкотира наставата поради неизградена училишна зграда

0
77

Родителите од село Клуковец не ги пуштаат своите деца на настава заради неотпочнување на градежните работи на новата училишна зграда.

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски информира дека вината за тоа не е ниту во Министерството за образование и наука, ниту во Општината бидејќи средства се веќе обезбедени во Програмата за капитални инвестици од буџетот на МОН за 2020.

Коцевски појасни дека има проблем во селото затоа што на катастарската парцела каде што е сегашната училишна зграда во селото на која треба да се гради и новата, на едниот крај има фарма која треба да биде отстранета за да може да се издаде одобрение за градба.

-Затоа мојот апел беше да се одржи состанок на Месната заедница на селото, а потоа и собир на граѓани и жителите на селото да го убедат својот сожител, сопственик на фармата и да му помогнат и со физичка работна сила и со финансиски средства, ако е неопходно тој дел од фармата, кој зафаќа од катастарската парцела каде што треба да биде училиштето, да се отстрани што побрзо. Со тоа и ќе може да започне изградбата на новиот училишен објект, појасни Коцевски.

Додаде дека решението за проблемот не е бојкотот на наставата затоа што, како што рече, најголема штета потоа ќе имаат нивните деца и внуци, кои веќе губат од наставата затоа што се уште не ја започнале новата учебна година.

Коцевски информира дека тој веќе имал средба со делегација од селото Клуковец во која бил и еден од наставниците и на Училишниот одбор и на Советот на Месната заедница и им ја образложил состојбата. Тој побарал од нив да разговараат и со останатите сожители за проблемот со фармата што поскоро да биде решен во интерес на започнување на градежните работи на изградба на новата училишна зграда во селото Клуковец.