Реакција на ОК ВМРО ДПМНЕ ТЕТОВО по повод нечествувањето на Општина Тетово на 19 ноември, денот на ослободувањето на Тетово

0
74

Тетово денес одбележува седумдесeт и шест години од ослободувањето. Со уништувањето на окупаторските сили и нивните слуги кај Кичево, Гостивар и Тетово и со ослободувањето на овие градови беше завршена операцијата за ослободување на западна Македонија, а со тоа и наполно беше ослободена Македонија.

Тетово даде три партизански одреди и двајца народни херои, Тодор Ципоски Мерџан и Ѓоце Стојчевски – Амбарче, чиишто херојски животи вечно ќе бидат втемелени во историјата на град Тетово. Општина Тетово, односно коалицијата предводена од СДСМ и ДУИ на чело со градоначалничката Теута Арифи, очигледно не ги почитува народните херои што се бореа против фашистичките окупатори и затоа не ги враќа бистите на соодветно место, ниту пак некогаш е носител на ваквите празнувања, а гледаме дека денес, како и години наназад нема ниту свои претставници на чествувањето кои би оддале почит на жртвите што го дадоа својот живот за слободна Македонија.

Денес, низ Тетово нема ниту едно државно знаме со кое би се симболизирало дека Тетово го чествува ослободувањето, иако сите знаеме дека за време на НОБ, загинале многу луѓе од различни етникуми токму од овој град. Почитувани тетовчани, за жал, концептот едно општество за сите не ги победи стереотипите и поделбите се уште останаа и се продлабочуваат ! За жал, општество кое се води од еднаквоста, праведноста и правичноста остана само илузија ! Се надевам дека со промена на власта (најпрвин локалната) бистите на народните херои Мерџан и Амбарче ќе бидат поставени на соодветно место за да можеме достојно да им оддаваме почит и притоа прославата по повод овој значаен ден ќе се организира од Општината како законска и морална обврска. Нека ни е честит и вековит денешниот ден! Нека е вечно Тетово ! Нека ни е вечна Македонија! Порачуваат од ОК на ВМРО ДПМНЕ ТЕТОВО.