БРКОТНИЦА НА АВТОПАТ, ФАТЕНИ ТРИ ЛИЦА, ЗАПЛЕНЕТИ 100 КИЛА МАРИХУАНА

0
112

Полицијата му наредила да застане. Но, наместо тоа, со автомобилот удрил во полициско возило и метален столб и продолжил да бега. Вака вчера се одвивала драмата на автопатот Скопје – Велес, при апсењето на двајца жители на Горно Блаце, во чиј автомобил полицијата пронајде 100 килограми марихуана. Успеале да ги сопрат во близина на наплатната рампа Сопот.

Граѓани кои во тој момент патуваа по автопатот, јавуваа за вистинки филмски сцени, во кои учествувале голем број специјалци, осомничените биле совладани на земја, а марихуаната послана на асфалтот.

Полицијата имала информации за движењето на пратката. Таа била поврзана со двајцата уапсени кумановчани од пред 20 дена, кога на истиот автопат им се преврте камионот, па така беа откриени 36 килограми марихуана. Полицијата вчера уапси уште еден човек од Визбегово, кој имал задача да го обезбедува транспортот на дрогата или таканаречен „чистач“. При претрес во неговиот дом е пронајдена полуавтоматска пушка.

Тројцата уапсени денеска ќе бидат донесени кај судија на претходна постапка. Од полицијата велат дека заедно со велешкото јавно обвинителство ја прошируваат истрагата за да утврдат дали во шверцот се вклучени и други луѓе. Во краток период ова е трета голема акција на полицијата во која е пронајдена поголема количина марихуана. Сепак, во истиот период се случи и кражбата на марихуана од канцеларија на полициската станица во Гевгелија.