Бучковски ексклузивно за ВОА – Ќе направиме сѐ да најдеме решение со Бугарија

0
74

Владо Бучковски, новоименуваниот претставник на Владата за Бугарија, во ексклузивно интервју за Гласот на Америка вели дека може да се најде заеднички јазик.

Глас на Америка: Назначен сте за претставник на Владата на Северна Македонија за Бугарија. Која би била вашата улога?

Владо Бучковски: Јас не сум чудотворец. Од друга страна, нити сум нечиј ас скриен во ракавот, ниту сум пак нечиј џокер. Јас сум Владо Бучковски, поранешниот премиер, кој во изминатите петнаесет години изгради доверба во бугарското општество. Верувам дека тоа ќе биде додадена вредност во напорите кои ги прави нашата Влада, да успееме да најдеме решение во духот на европските вредности.

Глас на Америка: Кога ќе биде вашата прва средба со бугарските власти?

Владо Бучковски: Бидејќи јас сум специјален претставник на Владата, првата средба ќе ја координираме со Владата. Во секој случај ќе направиме се во пресрет на Советот на министри на ЕУ, на деветти декември, да направиме дополнителни напори, да изнајдеме решение. Но ако не најдеме решение, тоа ќе биде дополнителен мотив за нас, да продолжиме да го градиме пријателството и соработката во духот на европските вредности.

Глас на Америка: Што очекувате од преговорите и разговорите со бугарските власти и што мислите за бугарското вето и барањата на официјална Софија за јазикот и историјата?

Владо Бучковски: Што можеме да кажеме за ветото на бугарската Влада. Ништо повеќе од она што беше кажано во изминатиот период. Ние како вистински пријатели, како одговорни политичари веруваме, дека можеме да најдеме заеднички јазик. Заедничката историја, треба да биде нашиот влог во заедничката иднина.

Глас на Америка: Кои би биле нашите црвени линии?

Владо Бучковски: За нашите црвени линии говореше и претседателот на Владата и министерот за надворешни работи и други членови на Владата. Ние сакаме да влеземе во ЕУ, врз основа на она што е препознатливо за нас Македонците. Тоа е нашиот јазик, културата, нашиот идентитет. И мислам дека нашите пријатели од Софија тоа го разбираат. На крајот би сакал да ви се заблагодарам за можноста која ми ја дадовте вие нашите пријатели од Гласот на Америка, да ги кажам овие првични констатации, по именувањето за специјален претставник на Владата на Република Македонија во Бугарија. Исклучително ни е важна драги пријатели, поддршката од САД. Тие во изминатите триесет години, на нашата независност беа нашиот стратешки партнер.

Глас на Америка