КСС: Тие што ќе работат во недела да добиваат за 50 отсто повисока дневница

0
158

Конфедерација на слободни синдикати на Македонија – КСС смета дека во однос на прашањето недела да се прогласи како неработен ден, потребно e во законското решение да се прецизира дека недела е ден за одмор и дека секој што тогаш ќе работи да мора да добие за 50 отсто повисока дневница. КСС нагласува и дека треба и да се дефинира дека не смее да се пречекори бројот на часови на прекувремена работа дефинирани со Законот за работни односи.

„КСС стои на ставот дека сегашното Законско решение само треба да се дополни и во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто. Во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота”, се наведува во соопштението.

Со ваква измена сметаат дека се задоволуваат потребите на работниците, но и на бизнис секторот од причини што во Законот за работни односи, членот 117 став 5 вели дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно.

Според КСС со ваква измена во членот 134 и имајќи го предвид членот 117 каде што кажува колку најмногу може прекувремено да работи еден работник, се заштитува работникот од една страна, да не може да работи секоја недела, а од друга страна исплатата на дополнителна зголемена дневница го задоволува трудот кој сега би имал додадена вредност и капиталот се распределува порамноправно.

„Сето друго сметаме дека е чист популизам. Од една страна трговците лицитираат и лобираат, од друга страна ќе се направи хаос во Законот за работни односи, доколку се опишува кои дејности треба да работат, а кои не. Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се кратат работни места”, наведуваат од КСС.