Нема ПЦР тест за влез во Косово – направена е грешка, министерствата на двете земји со објаснување

0
65

Рано утрово на Граничниот премин „Блаце“ меѓу Северна Македонија и Косово можеше да се забележат долги колони. Долгото чекање настана поради тоа што косовското Министерство за внатрешни работи извести дека за влез во Косово ќе се бара негативен ПЦР тест.

„Странските државјани кои влегуваат во Косово, вклучувајќи ги и оние кои имаат дозвола за привремен или постојан престој во Косово, кои доаѓаат од високо-ризичните земји според официјалната листа на ЕЦДЦ, треба да имаат негативен ПЦР-тест за Ковид направен во последните 72 часа“, велат од МВР на Косово.

Од македонското Министерството за внатрешни работи, добиле ваква информација во текот на ноќта преку службите на граничниот премин Блаце. Веднаш почнале со подготовка на оваа одлука на косовските власти. Сепак, во текот на денот добиле ново известување дека е грешка, односно дека ваквата одлука за ПЦР тест нема да важи за граѓаните на Северна Македонија, кои како и досега ќе можат слободно да ја минуваат границата.

„Ве известуваме дека во текот на ноќта преку ЗКЦ Долно Блаце добивме известување дека од 23.12.2020 година од 05:00 часот за влез во Р.Косово за македонски државјани потребен е ПЦР тест не постар од 72 часа. Но, пред малку од ЗКЦ Долно Блаце бевме известени дека нашите граѓани ќе може да влезат во Косово без ПЦР тест“, посочуваат од МВР на С.Македонија.

ТВ21 контактираше со амбасадорот на Косово во Скопје, Ѓерѓ Дедај, кој рече дека станува збор за недоразбирање кое брзо било надминато и дека Македонија не е на листата земји чии државјани при влез мора да приложат негативен ПЦР тест.