КАКО ДА ДОБИЕШ 1000 ДОПАЃАЊА и 500 КОМЕНТАРИ

0
68
ПИШУВА ЗОРАН КАСАП СТОЈАНОВСКИ
Прво помислив дека е маслинка на чачкалици. Кога се загледав подобро, гледам дека тоа ти било жена во црн костим за капење, со многу тенки нозе. Пивското стомаче со стрии како биено сирење, доминира на плажата, негде на краците.
Не ми е намера да го критикувам нејзиниот изглед, ниту да го коментирам, туку само ги читам коментарите под сликата:
„Прекрасна, Убавица, Најубава, Блескаш, Дали си Гркиња или Македонка, цел свет да се чуди…
Се изначудив богами. 128 коментари. 345 допаѓања. Да не ја видов прво сликата, ќе помислев дека станува збор за Анџелина Џоли. Погледнувам во информации за профилот: Пратеничка на партијата…(не е битно која.). Битно, ја обожаваат жената.
Се спуштам надолу низ објавите и оп! Позната фаца. Цел живот ја знам. Цел живот ништо не знае. Цел живот мрази книги, од дното на душата. А учителка е. Вработена веднаш по дипломирање. А како успеала да дипломира и да се вработи, лично мене никогаш нема да ми биде јасно.
Речениците ги започнува со „Значи, исто така, нели,“ продолжува со „Овај, мислам…, а завршува со „Ете тоа е, значи, така да“. И гледај, таа, сликана на некој семинар, па презентира нешто. Насмеана, дотерана, луѓе околу неа уште понасмеани и ракоплескаат.
Подолу гледам, споделила мој статус: „Ако Атињаните имаат лоши чевлари, ќе одат лошо обуени, но ако имаат лоши воспитувачи, ќе страда иднината на Атина.“ 530 допаѓања добила!
Не го испишала името на Платон, како автор на изреката, а некој родител и коментирал:„Само Вам може, нешто олку паметно да ви текне. Горди сме што ни ги учите децата!“ Таа пак одговорила:„Не сме прочитале џабе толку книги“.
Гледам да избегам, на врат на нос надолу низ објавите, како со суперсоничен лифт, ама се приземјувам во состојба на веќе видено.
Пак познат, профил. Задоена да мрази книги, воспитана да напредува сантиметар по сантиметар. Со вовлекување…Како со вазелин, мазно, кокетно, задкулисно. Сликана во некој професорски кабинет.
Универзитетска професорка, облечена како за Шведски еротски филм. Се залага за државен испит. Како да ми се смее в лице. Како да ми вика од сликата:„Секој треба да биде испипан. Пардон, испитан…“
Дури 600 допаѓања и небулозни коментари: „Генијалец, Никој како тебе, Македонија се гордее со вакви професори, Ангел, а само еден и напишал:„Би ти го напикал пред МРТВ…“
Ајде, бегај пак, брзо надолу со глушецот! А што се нема да видиш! Низ подрумите на полтронското и самобендисано дно.
Полна трпеза со свинско во најтежок пост и статус: “На сите православни Христијани им ги честитаме…“, точно 300 лајка, без ниеден коментар дека православните Христијани строго постат за Бадник.
Подолу: „Не е богат тој што има, туку тој, кому малку му треба“, а тоа малку, според сликите подолу е малку во Париз, Малку во Виена, малку во Шпанија… 276 лајка, 118 коментари, кои не е умесно да ги коментирам.
Потоа, изрека од Ајнштајн, од госпоѓи кои се фалат со своите „флизури“, и споделиле рецепт за будинг со биксвиди. И добиле немерено лајкови со стандард коментари:„Најубаај, Најумните, Срциња, Срц…
Нов статус: „Досадно ми ееее.“ 88 лајка и 6 насмеани човечиња, како подршка за досадата.
Па вика:„ Мицко беше со уште четворица во Рамстор, токму сега… и се осеќа исполнето. (Со што ли ги исполнуваат во Рамстор?) 86 допаѓања за исполнетоста .
Пак скари, пива, цигари, кафана и текст под сликата:„Нека пукнат душманите“. Па може да пукнат, си мислам, ако го изедат сето тоа! Ама 240 лајка.
Следат еден куп мудрости за идеалноста на жената, нејзината убавина, мудрост, верност, чувствителност, повредливост, осаменост, ранливост, сила, гордост…, како од тинејџерски споменари, како од рото љубовни романчиња, па слики на една иста жена во своите педесетина години, преоблечена 8 пати, на 8 различни слики, во рок од 8 минути и лајкови, лајкови, еден куп.
Потоа исто толку лајкови за глупоста на жената, нејзината неверност, бесчувствителност, пресметливост, расипаност и потоа уште еден друг куп лајкови за сето ова што е спомнато за жената, но сега искажано за мажот.
Па групи: „Тајне жеље“- 2800 допаѓања, „Пази се ако жената стане рамнодушна“-3100 следбеници, „Сакам газе“- 3500 следбеници…
Па Буковски, Иво Андриќ, Меша Селимовиќ, па меша Селимова со Желчевски и со кого уште не. Лајкови, лајкови, милиони.
Одеднаш шок. Во едно ќоше на времепловот, негде на маргините од раскошот и сјајот на виртуелниот свет, текст од 500 збора. А секој збор е на место. Актуелен. Со право осудува.Наведува на размислување, има силна порака, инспирира. Се гледа, авторот знае за што зборува. Напишал мало ремек дело. Останувам маѓепсан и збунет, полн со милиони интензивни впечатоци, како после одгледан ретко убав филм во кино. Погледнувам подолу. 2 допаѓања, ниеден коментар.
И му коментирав: Забеган пријателе! Овој текст нема слика. Има повеќе од 2 реченици. Наведува на размислување. Бара да се превземе акција за да бидеме подобри луѓе. Ја слави креативноста и праведните критериуми. Ја осудува послушноста и полтронството. Затоа има само 2 допаѓања и ниеден коментар. Избриши го овој текст!
Ако сакаш да добиеш 1000 допаѓања и 500 убави коментари, сликај го газот и истакни го на ѕидот! Не е важно дали ти е голем или мал, влакнест или депилиран. Сепак, газ е!
А овој народ, ќе знае да го цени тоа!