Ковид центрите се затвараат, бројката на хоспитализации се намалува

0
77

Ако бројките на хоспитализирани продолжат да паѓаат етапно ќе се затворат Ковид центрите на сите интерни клиники а пациентите ќе се префрлат во модуларната болница која повторно би се ставила во фунција. МАНУ испитува дали кај регистрираните случаи годинава има мутација на коронавирусот

Бројките на заболени и на хоспитализирани продолжуваат да опаѓаат и со тоа се отвори простор интерните клиники во склоп на Клиничкиот центар во Скопје полека да се вратат во нормална функција. Четворицата пациенти кои се во Ковид центарот на клиниката за уво, нос и грло денеска ќе бидат преместени а центарот затворен. Ова е втора интерна клиника во која Ковид центарот се затвара, по очната, каде од вчера веќе нема хоспитализирани пациенти заболени од коронавирус.

Доколку трендот на опаѓање на бројките се задржи, министерот Филипче најавува дека приоритет е затварање на сите Ковид центри во склоп на интерните клиники со што тие би се вратиле на приманата задача и функција. Пациентите кои во моментот се хоспитализирани во тие центри етапно би се префрлиле во модуларната болница поставена веднаш до Инфективната клиника која пак повторно би се ставила во фунција.

„Бројката на пациенти на кои што им е потребна хоспитализација значајно се намалуваше изминативе денови, последните две недели посебно. Тоа ни дозволи денеска во функција да се стават клиниките за оториноларинологија и офтамологија. Планираме да направиме прераспределба на пациенти со следните неколку денови со цел прво да се ослободи одеделението за неврологија а понатаму доколку продолжат овие трендови ќе ја активираме мнодуларната болница до Инфективната клиника за целосно да се ослободат интерните клиники. Ова е еден процес кој би требало да се случувца во следните две недели“, изјави Филипче за Гласот на Америка на македонски јазик.