Снежната бура однесе најмалку 59 животи во САД: Бајден на тест, голема криза со недостиг на вода за пиење и електрична енергија

0
62

Најмалку 59 лица настрадаа во невремето кое ги погоди Соединетите Американски Држави и претставува уште еден кризен предизвик за администрацијата на новиот претседател Џо Бајден кој стапи на должност минатиот месец.

После еден месец на должност и борба со епидемијата на коронавирусот во земјата, вештините на Бајден за управување со кризни ситуации се ставени на тест од снежната бура во Тексас, Оклахома и другите јужни американски сојузни држави.

Големото невреме предизвика прекин во снабдувањето со вода за пиење и електрична енергија за милиони луѓе во неколку сојузни држави.

Снежната бура уште повеќе ја отежнува и борбата со епидемијата на коронавирусот, затоа што огромен број на домаќинства останаа без чиста вода, а и самото време го отежнува процесот на вакцинација на населението.

Временските непогоди во САД доведоа и до жестоки политички расправии за чистата енергија, а поддржувачите на енергијата произведена од фосилни горива за прекинот во снабдувањето ја обвинија „несигурната енергија на ветерот“.