Антикорупциска денеска ја побара документацијата за „кинеските вакцини“

0
21

Антикорупциска ја чека документацијата за кинеските вакцини, па потоа ќе донесе одлука дали ќе покрене постапка. Обвинителството и Финансиската полиција засега само ги следат информациите за набавката. Во меѓувреме кинеските вакцини никако да стигнат во земјава.

Се уште не се знае кога кинеските вакцини ќе пристигнат на македонско тло, но, не се знае ни дали патот по кој првично тргна Министерот за здравство Венко Филипче за нивна набавка бил погрешен и дали ќе одговара. Засега само Државната комисија за спречување на корупција се активираше и побара од Министерството за здравство да им биде доставена целокупната документација за набавката.

„Од Министерството за здравство рекоа дека ќе ни овоможат пристап до документацијата, па потоа ќе донесеме одлука дали ќе се покрене постапка за случајот. Побаравме и од Владата да ни ја достават целата документација за набавката на вакцини и од другите производители“, велат од Антикорупциска за РСЕ.

За разлика од Антикорупциска, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Финансиската полиција се уште само со интерес ги следат случувањата и информациите во јавноста.

„Ла Верита“, имено, објави дека комуникацијата меѓу македонската влада со „Синофарм“ се вршела преку кинеска фантом фирма „Старби Интернешнл“ која нема никаква врска со фармацевска ниту медицинска дејност. Во јавноста останаа неодговорени прашањата за тоа која е фирмата „Старби Интернешнл“ преку кој бил остварен контакт уште на 25 декември 2020 година и за колкава цена за набавка на вакцините се преговарало.

Авансот за вакцините од „Синофарм“ беше вратен, а италијанскиот весник „Ла верита“ објави дека причината е затоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг, а која била наведена во две писма од Филипче до кинескиот производител. Филипче и премиерот Зоран Заев изјавија дека „при напорите да се обезбедат вакцини против ковид е направено се, но ништо на незаконски начин“.

Јавното обвинителство во изминатите денови остана немо на повиците на Антикорупциската комисија да се вклучи во процесот и како и претходно, повторно за РСЕ соопштија дека очекуваат надлежните институции да им ги достават своите наводи за евентуално сторени кривични дела. Овој пат во одговорот додадоа дека нивната задача ,според законот, е да гонат сторители на кривични дела.

РСЕ