Захарова: Москва ја поздравува изјавата на Бајден

0
46

Москва ја поздравува изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден дека Вашингтон не сака ескалација на односите со Русија, објави денеска портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

“Обраќањето на американскиот претседател во Конгресот остави мешани впечатоци. Ние секако го поздравуваме фактот дека тој ја повтори својата намера да избегне ескалација и да соработува кога тоа е од заеднички интерес”, истакна Захарова, пренесе агенцијата ТАСС.

Во исто време, таа изразила жалење што изјавите на сегашната американска администрација не се совпаѓаат со нивните постапки.

„Говорот на претседателот во Конгресот само потврдува дека Вашингтон не сака да се откаже од безнадежните обиди за притисок и да ја обвини нашата земја за одредени мрачни активности – додаде Захарова.

Според неа, ако Соединетите држави навистина сакаат да градат дијалог, тие треба да се откажат од реториката на конфронтација и да преземат практични чекори кон подобрување на билатералните односи, кои инаку ќе продолжат да се влошуваат.

Бајден одржа говор на заедничката седница на Конгресот вчера, за прв пат откако ја презеде функцијата.