Убиен истакнат грчки новинар (ВИДЕО

0
50

Истакнат грчки новинар кој известувал за криминалот бил убиен денес во близина на својот дом во јужниот дел на Атина.

Јоргос Карајваз бил пронајден мртов рано попладне со неколку прострелни рани во близина на својот автомобил во атинското предградие Алимос, соопшти полицијата.

„Убиството на новинарот е гнасен и кукавички чин“, објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер.

„Европа се залага за слобода. А слободата на медиумите е можеби најсветлата од сите“. Приватната телевизија Стар за која работел објави дека на Карајваз му пришле двајца мажи на мотоцикл и отвориле оган.

Еден полициски службеник соопшти дека на местото на убиството биле најдени 12 чаури. Портпаролката на грчката влада Аристотелија Пелони кажа дека убиството „ги шокирало сите“, пренесува Ројтерс.

„Властите веќе спроведуваат истрага за да ги уапсат извршители и да ги изнесат пред правдата“, додаде таа.

Не е познат мотивот за убиството, но полицијата соопшти дека тоа е внимателно планирано.

„Тоа била професионална ликвидација“, изјави полициски службеник кој сакал да остане анонимен.

Во текот на повеќедецениската кариера Карајваз работел за повеќе грчки весници и телевизии, а го водел и блогот Блоко.гр.

„Основачот и сопственик на Блоко.гр повеќе не е со нас“, соопштија соработниците на Карајваз. „Некој одлучил да го замолчи, со куршуми да го спречи да објавува стории“.

Медиумите пренесоа дека Карајваз зад себе оставил сопруга и дете.

Неговиот колега од телевизијата Стар, Вајос Сирос, кажа во попладневните вести: „Не можам ни да ја прифатам таа информација, го познавам тој човек 32 години“.

Редакциите на грчките медиуми се често мета на напади на вандали, но убиствата на новинари се релативно ретки во Грција. Во јули сопственикот на таблоид Стефанос Киос преживеа откако напаѓач со качулка го застрела во вратот и градите пред неговиот стан. Истрагата за тој случај сè уште е во тек.

Радио менаџерот, блогер и истражувачки новинар Сократис Гиолијас во 2010 беше убиен пред својата куќа. Во тоа време наводно работел на напис за корупцијата. Одговорноста ја презема една левичарска група, но случајот не беше решен.