ФТ: Промена на границите – речиси совршен рецепт за конфликти на Балканот

0
39

Одбраната на неповредливоста на границите на Западен Балкан не е доволна политика кон регион на кој очајно му треба посилен ангажман на ЕУ и САД, оцени „Фајненшл тајмс“ (ФТ) во коментар по повод неофицијалниот дипломатски документ што циркулира во Брисел со кој наводно се предлага присоединување на Косово кон Албанија, а делови од БиХ кон Хрватска и Србија. Оценувајќи дека Западен Балкан, кој ги вклучува Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, веќе четвртина век е заробен на стратешки ничија земја, ФТ додава дека „еден начин да се смират тензиите во регионот би било прием на сите шест земји во ЕУ, но тој проект, наводно непоколеблива цел на 27-члениот блок, се одвива толку бавно што станува се повеќе ирелевантен како одговор на проблемите во регионот“. Како резултат на тоа, се покажа невозможно да се разбијат експанзионистичките соништа на локалните националисти кои би сакале да создадат, на пример, голема Србија, голема Хрватска или голема Албанија, наведува ФТ. Лондонскиот весник додава дека неизвесноста за иднината на Западен Балкан ги зајакнува регионалните антагонизми и отвора можности за другите сили, особено Кина, Русија, Турција и земјите од Заливот, да го прошират своето влијание во дворот на ЕУ. ФТ проценува дека иако не постои сериозен ризик од насилство како што се војните од 1990-тите години, постојаната нестабилност на Западен Балкан ја задржува можноста за вовлекување надворешни сили и заострување на меѓународните тензии, како што беше во 19 и 20 век. Потсетувајќи дека анонимниот документ кој циркулира во Брисел не ја одразува официјалната позиција на која било влада во ЕУ или самиот регион, и дека никој не ја презеде одговорноста за авторство, ФТ посочува дека некои аргументи во корист на промените на границите се вообичаени меѓу националистите на Западен Балкан уште од распадот на комунистичката југословенска федерација. Според весникот, ова е скоро совршен рецепт за конфликт или дури и отворена војна на Балканот, а најголеми губитници би биле муслиманските Бошњаци во БиХ, кои би останале со нежна, ранлива мини-држава, точно онака како што сакаа националистите меѓу босанските Срби и босанските Хрвати во 1990-тите години од минатиот век. Посочувајќи дека во документот не се споменува руско или кинеско влијание на Западен Балкан, но има три мрачни референци на Турција, а се споменува и наводниот „радикален ислам“ во БиХ, ФТ заклучува дека документот, кој и да го напишал, допира теми кои им се драги на десничарските популистички кругови низ Европа. Дипломатите на ЕУ и САД ги осудија предлозите од документот, но одбраната на неповредливоста на границите на Западен Балкан во најдобар случај е само половина од политиката. На регионот очајно му треба посилно учество од ЕУ и САД, и колку подолго западните влади го игнорираат, толку повеќе ќе мора да платат повисока цена, заклучува лондонскиот весник.