Дигитализација на учебниците во Македонија – мислењата поделени

0
126

Дигитализација на учебниците во Македонија – мислењата поделени

Пишува Ангела Бошкоска

Актуелизирањето на темата која деновиве се лизна во медиумите и јавноста ја засегна голем дел од популацијата во земјава. Кој е во право, кој стана експерт преку ноќ да одлучува и кој навистина дава личен став независно од политички причини, туку како загрижен родител, ученик, граѓанин; дилемата стана голема.

Во Македонија е познато експериметирањето во образовниот систем. Поводот за истото е различен и зависи од индивидуалното мислење. Некои велат дека се стремиме кон подобра иднина додека други велат дека одиме во пропаст. Поради ова, морам да се навратам и на една од најпоплуарните теми во областа на образованието што ја засегнаа целата држава пред неколку години и која со новите предлози за реформи конечно доби момент да воздивне од вниманието.

Пред неколку години, кога прв пат се воведе познатата Кембриџ програма исто така имаше многу поделни мислења. Некои се согласуваа додека други упорно водеа битки против, кои секако по денешните резултати заклучно беа загубени. Мојата генерација и припадна на ранливата категорија која за жал мораше две години од вишото основно образоавние да ги помине по Кембриџ програмата, за потоа повторно во средно да се врати на старата програма во старите учебници. Но, само затоа што две три генерации ги снајде истото, не значи дека е лоша програма.

Имено бев сведок на ситуација која ме натера да размислам поинаку во врска со програмата на Кембриџ. Едно девојче во четврто одделение прв пат се сретна со поимот струјно коло што се најде во учебникот по природни науки. Таа тропна на вратата од својот сосед, електричар и побара да и помогне да направат аматерско струјно коло. Водејќи се по сиромашните информации во својот учебник и богатата сликовница од различни илустрации кои се најдоа во него, таа се обидуваше да сфати што е нејзината домашна задача. Се разбира, ништо не и беше јасно. Но, добила идеја и решила да побара помош, притоа обидувајќи се да ја разбере основната суштина и значење на самиот поим за потоа да креира аматерско струјно коло кое ќе функцонира. Сигурно и биле нејасни сите поими кои се вбројуваат во електричното коло, опфаќајќи ја работата и функцијата на електрицитетот и електроните во него. Поими што можеби не ни можела да ги изговори, прочита или уште помалку да ги запомни. Така размислуваа сите оние кои беа против оваа програма. Во реалноста – друга приказна. Девојчето се обиде да извлече што повеќе од постариот чичко кој исто така се обидуваше да се прилагоди на нејзините можности и граници на разбирање за сложеноста на поимите. Таа направи струјно коло, своето прво аматерско парче на 9 годишна возраст.

Едноставно и беше наложено. Од наставничката, од притисокот за подобри оцени или од сопствената желба за да го прошири знаењето пред сеуште да биде свесна што значи истото. Сите оние кои дебатираа за своите напори против програмата не мораа да се соочуваат со она што таа и уште многу голем број на деца се соочиле и сеуште се соочуваат. Но, тие учат, впиваат и меморираат информации, искористувајќи ги полемиките на возрасните за сопствено надградување. Учебниците на Кмебриџ се покажаа како корисни во оваа намена. Се сеќавам кога јас учев за струјно коло. Никогаш не добив таква домашна, ниту на девет години се грижев дали ќе светне сијаличката. Кутрото девојче што го сожалуваа, сега знае многу повеќе и од мене.

 

Во период на сред пандемична состојба кога децата се повторно обврзани да се прилагодат во комплексен систем на образование, учејќи дома пред монитор во виртуелни училници и со наставници кои се достапни за нив преку аудио уреди. Се појави нов предлог за една иновативна идеја чиј насловен опис стои како дигитализација на учебниците. Со отежнети услови, кога интернет конекцијата се нарушува или не работи уредот за снимање на звукот или камерата на компјутерот децата повторно се сретнаа со за нив малку неразбирливи поими. Повторно се отворија теми за дискусии отворени за критики и дофрлувања на различни ставови од секого. Ама децата изгледа како да не се грижат. Си ја знаат рутината веќе, што и да се одлучи тие ќе бидат оние кои мораат да го издржат веќе одлученото и неизбежното. Па така, кога се враќав од работа пред некој ден ги наслушнав децата кои си играа во моето маало. Да, има деца што сеуште сакаат да играат криенка или фудбал на отворено и да се соживуваат со своите идоли преку интерактивно дружење со своите врсници, соседи и другарчиња од училиште. Не им е доволно да се допишуваат на Фејзбук, помина таа мода. –Е што ми е гајле, ќе кажам ми пукна рутерот за интернет наставничке, ј*бига. Осум годишно дете ја изговори оваа реченица и останатите со задовлство и смеа ја прифатија. И после овие исти деца ќе останат дома пред компјутер да го читаат текстот од книгата по Македонски Јазик во делот за литература. Не е дека ако едно дете ја има во рака ќе седне и ќе ја прочита, но кога симпатијата на училиште ќе ги подвлекува важните податоци со маркер, се разбира дека веднаш потоа  ќе почне и тоа самото. Кога ќе ја држи во раце и ќе чита пред целото одделение и кога од наставничката ќе добие пофален збор или критика ќе подразмисли малку. Ќе го започне својот процес на продлабочено описменување.

Од друга страна, ако ги користи низата линкови во т.н дигитализиран учебник што ќе го одведат до многу други текстови и видеа ќе се најде во тотална забуна. Текстовите ќе ги копира и ќе ги уреди малку, додека дел од видеата што ќе ги погледне на кратко ќе ги изгуби од меморија за уште пократок период. Едноставно е зошто; поради преоптовареноста на мозокот со информации. А околу грижата дека на децата ќе им се оштети видот или нема да умеат да се снајдат, не грижете се. Кога едно мало момченце може да си најде изговор и да ја прелаже наставничката преку компјутер, способно е да научи уште многу други работи. Учебникот што го држи во рака и во кој подвлекува важни параграфи, од кој препишува реченици и има за задача да напише текст кој го нема на интернет ќе придонесе самото да научи многу повеќе. Барем во нашата генерација се случуваше тоа и тоа со успешни резултати.

Овозможувањето на пристап до учебници кои ќе станат целосно зависни од компјутерот ќе ги направи и следните генерации исто така целосно зависни од него. Не дека веќе не ни е секојдневие да висиме на интернет, црпејќи што повеќе од него и поврзувајќи се со луѓето ширум светот повеќе од било кога, но мора ли и овој сегмент од нашиот живот да биде приврзан кон тоа? Нема да се прави разлика кој е вистински писмен и кој станува писмен само пред одредена домашна задача. Да се фрли ваква огнена топка како товар врз децата уште од својата рана возраст е сериозен чекор. Неразбирлив за повозрасните, збунувачки за средношколците и вишите основци и сосема кофузен за малите основчиња кои имаат долг живот пред себе да се поврзат со информатичката технологија која од ден на ден се повеќе се зближува со нас луѓето. Настрана од политичките причини и од оние кои одредуваат што е исправно а што не. Би сакала да истакнам дека одлуката секако ќе ја донесат надлежните, но истата нека биде базирана и според реалната слика на нашето општество. Или поважно, на нашето образовно општество. Затоа што статистиките за продуктивноста од ваквиот проект ширум светот се бројки, виртуелизирани и обележани на екраните. Вистинскиот свет се темели на многу повеќе од бројки, децата не сакаат да бидат затворени како во кафези со еден монитор пред нив, тие сакаат да бидат слободни. Не сакаат да гледаат во нешто што не можат да го допрат, сакаат да чувствуваат, да се доближат на свој начин и самите да одлучат дали ќе го засакаат истото. Затоа што многу често забораваме, нивната слика за светот е различна од онаа на возрасните, тие на работите гледаат поинаку и секогаш имаат поинаков пристап.