Димитров: ЕУ да си го одржи зборот, одлуките кои ќе се прекршат околу нас ќе имаат рефлексија врз целиот регион

0
23

На прашање кои би биле последиците ако ЕК одлучи да ги раздвои Северна Македонија и Албанија, вицепремиерот порача дека земјава беше посочувана како една од малкуте светли точки од регионот, па одлуките кои ќе се прекршат околу нас ќе имаат рефлексија врз целиот Западен Балкан. Без разлика на политичките случувања во Бугарија, тој смета дека мораме да се обидеме да ја смениме динамиката бидејќи немаме луксуз да чекаме

Нашата битка денес е всушност битка и на Европа саката со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство и така ќе бидеме заеднички победници, порача вицепремиерот за европски прашање Никола Димитров во неговото обраќање на заеднички настан со евроамбасадор Дејвид Гир, по повод Денот на Европа.

Тој вели дека без разлика на политичките случувања и што во Бугарија претстои формирање техничка влада и нови парламентарни избори, немаме луксуз да чекаме.

„Јасно е дека тоа е еден реален политички контекст кој е предизвик, но истовремено е јасно дека ниту ние ниту ЕУ, па и нашите соседи, немаме луксуз да чекаме повеќе. Многу време помина, мислам дека има голем проблем со довербата во европската перспектива во многу земји. Има и други избори, на пример кај нас има локални на есен, а во Бугарија претседателски во ноември, но мислам дека без разлика на предизвиците мораме да се обидеме и сосем да ја свртиме динамиката. Тоа ќе биде добро за нас, мислам дека ќе биде добро и за Софија да се вратиме на колосекот на партнерство и пријателство, а тоа ќе биде многу добро и за ЕУ“,

рече Димитров.

Тој утре ќе го придружува премиерот Зоран Заев во Брисел каде ќе имаат средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и очекува да го слушнат јасниот став на ЕК околу евентуалното раздвојување на преговорите за Северна Македонија и Албанија. Ставот на ЕК тој го разбира дека и Комисијата сака што поскоро да почнат преговорите со двете земји.

„Очигледно е дека огромно мнозинство земји-членки сакаат годинава што е можно побрзо да почнеме преговори и ние и нашите соседи во Тирана. Моето разбирање е дека тоа е ставот и на ЕК која впрочем тоа и го препорача во својот извештај и пакет за проширување минатата година. Северна Македонија ги исполни сите услови и сè што требаше да стори на линија на европските принципи. Почетокот на преговорите е апсолутно заслужена работа и поради три нешта: изгубеното време, очигледниот прогрес изминатите години и покажаното лидерство во решавањето на тешките прашања; мислам дека македонската прашање е тест дали на ЕУ можеме да ѝ веруваме во однос на целиот Балкан“

вели Димитров.

Евентуалното раздвојување, според него, ќе има рефлексии врз целиот регион.

„Скоро имаше едно писмо од Босна и Херцеговина, поддржано од земјите во регионот, во однос на нивните маки. Меѓутоа, велат, во последните години имаме малку светли точки, од Северна Македонија доаѓа надеж. Токму затоа одлуките кои ќе се прекршат околу нас ќе имаат рефлексија врз целиот регион на Западен Балкан. Наше е да најдеме начин согласно европските принципи да излеземе од овој многу штетен ќорсокак“,

изјави вицепремиерот.