ЛИДЕРОТ НА ЈУЖНА КОРЕЈА МУН НА СРЕДБА СО БАЈДЕН ГО ПОЗДРАВИ „ ВРАЌАЊЕТО НА АМЕРИКА”

0
21

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин го поздрави „враќањето на Америка“ на светската сцена по состанокот со американскиот претседател Џо Бајден одржан на 21 мај. Тој рече дека двајцата се обврзале тесно да соработуваат за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

Мун престојуваше во официјална посета на Вашингтон, барајќи итно продолжување на американската дипломатска активност во сузбивањето на нуклеарната програма на Северна Кореја, иако Белата куќа најави дека подетално ќе го разгледува прашањето, јавува Асошиејтед прес (АП).

На состанокот високо на списокот на Бајден исто така беа темите за координацијата во дистрибуцијата на вакцини, климатските промени и грижата за регионалната безбедност поради активностите на Кина, пишува АП.

Ова беше втора средба на Бајден со странски водач одржана во живо поради пандемијата на Ковид-19.

Формалните попладневни разговори траеја долго, рече Бајден. Тој додаде дека „уживал во состанокот“, нагласувајќи ја „долгата историја на заедничко жртвување на двете земји.“

Мун рече дека „светот го поздравува враќањето на Америка“, осврнувајќи се на обидите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да исклучи некои прашања на американската дипломатија, пишува АП.

Минатиот месец Белата куќа соопшти дека ја завршила ревизијата на досегашната политика кон Северна Кореја и најави дека Бајден ќе отстапи од стратегиите на неговите двајца претходници на претседателската функција – отфрлајќи ги личните напори на Трамп да го придобие севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, како и претходниот пристап на Барак Обама.

Но, кабинетот на Бајден допрва треба да претстави како ќе изгледаат нивните напори да ја убедат Северна Кореја да се откаже од својата нуклеарна програма.

Јужнокорејскиот претседател својата посета на Белата куќа ја започна со средба со потпретседателката Камал Харис и со советниците на Бајден.

Извор Р. С. E