Србија и Турција се договорија за взаемно признавање на сертификатите за вакцинација

0
47

Србија и Турција се договорија за меѓусебно признавање на сертификатите за вакцинација против ковид-19, со кои граѓаните на двете земји ќе можат да патуваат без дополнителни ограничувања од 14-ти мај, објавија српските власти.

Договорот постигнат од министрите за надворешни работи Никола Селаковиќ и Мевлут Чавушоглу во пресрет на летната туристичка сезона дозволува влез на територијата на друга земја без негативен PCR тест и карантин.

Дел од договорот е дека децата на возраст под 18 години, кои не биле вакцинирани, можат да влезат на територијата на двете земји без тестирање и карантин, придружени од членовите на семејството кои ќе презентираат потврда за вакцинација.

Србија и Турција, исто така, меѓусебно ќе ги признаат сертификатите за имунитет издадени од здравствените власти на двете земји за излекуваните од ковид-19.

Сличен режим на патување за граѓаните со потврда за вакцинација постои од 30-ти април меѓу Србија и Унгарија.

Српскиот министер за трговија и туризам Татјана Матиќ претходно изјави дека од 14 мај, Грција исто така ќе ги признае потврдите за влез на територијата на српските граѓани, без оглед на тоа која вакцина ја примиле.

Претходните години, Грција и Турција, заедно со Црна Гора, беа водечките земји избрани од туристите од Србија како летни дестинации, но пандемијата на коронавирус во 2020 година ги наруши тие статистички податоци.

Од средата, граѓаните на Србија имаат пристап до дигитален сертификат во државниот е-систем, односно потврда со која се докажува дека биле вакцинирани против коронавирус или дека имаат негативни резултати од тестовите за ковид-19.

Од 2015 година, српските власти го охрабруваат домашниот туризам доделувајќи ваучери од околу 40 евра, а оваа година обезбедија 100.000 ваучери и дополнително финансирале уште 20.000. Во 2021 година, ваучерите можат да се користат во 2.190 туристички објекти, во велнес центри, на езера и планини, заклучно со 20 ноември.

„Да имавме 500.000 ваучери, сите 500.000 ќе беа искористени затоа што дефинитивно повеќето од нашите граѓани оваа туристичка сезона да ја поминат во Србија“, изјавил министерот Матиќ за „Данас“.