Вакцините распоредени по пунктови согласно интересот за вакцини

0
25

Најголемата пратка на вакцини досега, вкупно половина милион од кинескиот производител „Синовак“ , денеска пристигнаа на скопскиот аеродром со два авиони. Вакцините ги пречекаа државната секретарка во Министерството за здравство, Иванка Стојановски и кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо.

Вакцините ќе бидат складирани во поликлиниката Јане Сандански и Институтот за судска медицина од каде ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови во државата. Стојановски не одговори колку чини набавката, велејќи дека согласно обврските од склучените договори со фирмите, обврзани се да не ги откриваат цените.

„Со процесот на имунизација досега и вакцинирањето на голем број граѓани покажуваме одлични резултати во намалувањето на бројот на новозаразени со ковид – 19 и на хоспитализирани граѓани за што говори фактот дека сите ковид центри низ државата се празни а мал е бројот на хоспитализирани пациенти и на Инфективна клиника“, рече Иванка Стојановски – државен секретар во Министерството за здравство.

Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо посочи дека вакцината на „Синовак“ е одобрена од СЗО и дека во Кина досега се вакцинирани над 1,1 милијарда луѓе на возраст од 3 до 100 години.

„Кина ја покажа својата одговорност како голема земја, ја промовираше меѓунардната соработка во борбата против епидемијата и правичната дистрибуција на вакцините. Кина вложува големи напори да го премости имунолошкиот јаз за да помогне во заздравувањето на светската економија. Во моментот епидемијата се уште се шири низ целиот свет, а вирусот се уште мутира. Следењето на потеклото на епидемијата не треба да се политизира. Сите страни треба да извршат истражување за пронаоѓање на потекло со научен став од глобално ниво, за да можеме ефикасно да спречиме друга пандемија“, рече Џанг Ѕуо – амбасадор на Кина во С Македонија.

Официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО вчера ги сподели и министерот за здравство Венко Филипче во пресрет на нивнито пристигнување. Потребни се две дози, од кои втората се прима од 14-28 дена по првото вакцинирање. Нејзината употреба се препорачува за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцината се поголеми од потенцијалните реизици, исто како и кај доилки и други возрасни лица.

 

Алсат