По 16 години раководење со Министерството за животна средина, ДУИ најави фокус на зелената агенда

0
19

Зелена агенда ќе биде главниот адут на ДУИ на претстојните локални избори. По три дена неизвесност Ахмети по повод 19-годишниот роденден на партијата но и светскиот ден на заштита на животната средина ја најави новата политика на ДУИ како дел од Европскиот зелен договор, кој опфаќа повеќе инвестиции за чиста животна средина, пристап до чиста вода и воздух, отстранување на депониите, гасификација и зелена енергија.

– Денес, кршењето на зелената агенда и загадувањето на животната средина е закана за безбедноста, како и корупцијата и организираниот криминал, така што владата, општините и сите наши институции мора да се придружат и ние ќе се посветиме на ова, да станеме регионални и европски лидери во политиката на зелената агенда. Затоа драги пријатели, добредојдовте во Демократската Унија за Интеграција, политичката партија на развојот и работните места преку зелената агенда, ДУИ која покрај еднаквоста, развојот и евро-атлантскиот дух, се грижи и за воздухот, водите, земјата, природата како предуслови за развој и квалитетен живот, порача Ахмети.

Зелена агенда ДУИ најавува денес и покрај тоа што партијата го предводи Министерството за животна средина од август 2006-та, период во кој има назначено 8 министри од своите редови, но и бројните обвинувања во јавноста дека токму нивните функционери не ги спроведуваат препораките на меѓународните институции. По дивите градби кои никнаа на Матка под надлежност на градоначлникот на Сарај Блерим Беџети, последен во низата е струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој повеќепати досега одби да ги руши дивоградбите по препораките на УНЕСКО. Министерто Нуредини во вчерашното гостување во дневникот на Сител најави решавање и на овој проблем.

Денот на заштита на животната средина премиерот Заев и градоначалникот Шилегов го одбележаа со закција за расчистување на поранешниот полигон под Кале. Порачаа дека благодарение на бројните проекти, загадениот воздух повеќе не е главна тема.

Во градот Скопје има повеќе зеленило, ослободени дрва, поставувани се зелени бариери помеѓу пешаците/велосипедистите и возилата, нови паркови, зелени кровови. И не само во Скопје. Во 36 општини, во 108 јавни објекти има фотоволтаични системи и повеќе зелени површини и се спроведуваат мерки за директно справување со изворите на загадување. Еколошката агенда на државата ја следиме и со зелени енергетски проекти, согласно Европската зелена агенда, односно ја спроведуваме транзицијата од јаглен во еколошки енергенси за производство на електрична енергија порача Заев.

Европскиот зелен договор Европската комисија го објави на 11 декември 2019-та. Акцискиот план за кој се издвоени над 100 милијарди евра во периодот до 2027-ма опфаќа голем број инвестиции за промена на секојдневниот начин на живот кој влијае на климатските промени, подобрување на еколошки технологии и модернизација на индустријата, користење на почист приватен и јавен превоз.

СИТЕЛ ТЕЛЕВИЗИЈА